[Фото+Видео] „Борбата останува на улиците“ – втора недела протести во Скопје

Со пораката дека борбата останува на улиците, заврши седмиот протест во Скопје на кој голем број на граѓани, уште еднаш побараа оставка на претседателот на државата Ѓорге Иванов, но и одложување на изборите најавени на 5 јуни, се до создавањето услови тие да бидат фер и демократски.

Протестот започна пред седиштето на Специјалното јавно обвинителство, за да продолжи пред Собрание, а потоа низ Триумфалната порта и плоштад Македонија демонстрантите се упатија кон Владата, поминувајќи низ Дебар маало, каде се наоѓа Министерството за култура.

Собранието на Република Македонија овој пат не беше блокирано од припадниците на безбедносните сили, а целиот протест помина мирно и без инциденти.

Триумфалната порта и вечерва доби нова тура на боја и јајца, а за разлика од претходните протести, денеска беше обоено и Министерството за култура. Фонтаната на плоштад Македонија, пак, целосно побеле и беше исклучена, откако демонстранти ја наполнија со прашок за перење алишта.

Со плакати во рацете на кои пишува „Но пасаран“ и скандирајќи го добро познатото „Нема правда, нема мир“, „Оставка“, „Мафија во робија“, илјадници граѓани втора недела излегуваат на протести за мир, правда и демократска држава. Барањата се итна оставка на Иванов, произнесување на Уставен за уставноста на СЈО, како и повлекување на одуката за одржување избори на 5 јуни.

Во своите обраќања пред демонстрантите режисерот Југослав Петровски порача дека ваквото однесување на власта нема да помине кај граѓаните. Владимир Делов, пак, изјави дека нема преговори во вакви услови, како и дека протестите ќе продолжат.

Освен во Скопје, денеска протести со истите барања имаше и во Куманово, Битола, Струмица, Штип и Велес.

За разлика од минатите денови, денеска во Скопје немаше контра-протести организирани од ГНОМ-Граѓанско движење за одбрана на Македонија. Контра-протестите се преселија во неколку градови низ Македонија.