[Фото] „Во езеро пливај, а отпадок рециклирај“ – скулптура од ѓубре поставена на кејот во Охрид

Уметничка инсталација од отпад направена од млади, денеска напладне беше поставена на кејот во Охрид.

Со скулптурата, млади од Охрид од клубот Артивизам при Младинскиот образовен форум (МОФ) испратија пораката против загадување на Охридското Езеро. Дополнително, со акцијата тие целат да ја подигнат свеста кај заедницата, особено кај младите за заштита на Охридското Езеро и животната средина.

Младата Сара Петкоска посочи дека скулптурата е направена во рамки на локалната завршна акција на клубот. Таа истакна дека за скулптурата се искористени работи кои многу често се фрлаат во Охридското Езеро како отпадоци, додавајќи дека наместо да бидат таму, би можеле многу лесно да се рециклираат и да претставуваат нешто многу подобро.

„Можат да се направат уште мал милион вакви работи, со кои што можеме и да си ја разубавиме нашата животна средина или нашето секојдневие, а и покрај тоа секако да си го зачуваме нашето езеро, да не ни биде загадено и да можеме да си пливаме без грижи“, рече Петкоска.

фото: Радио МОФ

Целта на акцијата, како што изјави Марио Ѓорески е да се поттикне свеста на граѓаните, бидејќи, како што рече, Охридското Езеро е бисер кој не треба да го изгубиме.

„Ако продолжиме да го загадуваме, ќе биде лошо за нас. Затоа ја имаме направено оваа скулптура, каде што имаме и една порака за кревање на свеста ‘Во езеро пливај, а отпадок рециклирај’. Како членови сите сме тука да поттикнеме свест“, рече Ѓорески.

Покрај скулптурата, во склоп на акцијата, на кејот во Охрид беше поставен и штанд на кој имаше и QR код преку кој граѓаните можеа да ги споделат нивните грижи за Охридското Езеро, но и да пишуваат идеи како може да се заштити езерото или пак да дадат идеи што може да се прави со отпадот и слично.

фото: Радио МОФ

Петкоска, одговорајќи на новинарско прашање истакна дека дефинитивно би сакале да ги пренесат собраните мислења од граѓаните до надлежните, бидејќи, како што додаде, тоа е главната цел за нивното собирање.

„И општо ние да ги знаеме како активисти, бидејќи доколку сме запознаени што сакаат луѓето околу нас, можеме многу подобро да се запознаеме како да ја решиме самата проблематика и како да си го направиме нашето езеро подобро за сите нас“, рече Петкоска.

Христина Мирчевска која е дел од МОФ и Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности истакна дека во рамки на Активноста, МОФ спроведува 10 клубови во 10 различни општини во државава.

„Речиси половина од сите клубови прават некоја завршна акција, токму на тема заштита на животна средина, екологија, подигнување на свеста за рециклирање, за користење двојно, тројно на сите отпадоци кои што ги правиме. Така што, свеста кај младите, барем кон оние активни млади во општеството е навистина на високо ниво“, рече Мирчевска.

фото: Радио МОФ

Покрај акцијата за заштита на Охридското Езеро во Охрид, Мирчевска посочи дека претходно биле спроведени уште неколку акции, како цртање мурал во Делчево и интерактивна акција во Скопје, со цел да се поттикне јавната свест за животната средина и климатските промени.

„Така што, овие млади кои што се активни, наоѓаат најразлични идеи како да стигнат до останатите млади во нивната заедница, па и повозрасните“, децидна е Мирчевска.

Мартин Колоски