[Фото] Визуелниот уметник Кари Кола создаде светлосен спектакл во италијанска клисура

Италијанската клисура Гилфенклам е примамлив природен спектакл на вода, со повеќе мостови и високи карпести контрасти. Ова место го одбра финскиот визуелен уметник Кари Кола за да го постави уметничкиот проект „Моменти“ (Moments), светлосна инсталација која магично си поигрува со боите и рефлексиите на водата, создавајќи уникатно искуство.

Фото: Рами Саарикорпи

„Ваквите проекти се можни само со добра тимска работа и голема професионалност од целиот тим. Хеликоптери, планински системи за спасување, мојот основен тим и помош од областа го направија овој епски проект возможен. Имав можност да создадам повеќе од половина километар сонувачки свет и размислување за тишината на ова прекрасно место користејќи рефлексија од водата“, посочува Кари Кола.

Проектот го нарекува „Моменти“, бидејќи смета дека секој што ќе влезе во проектот ќе влезе длабоко во сопствениот ум со падови од вода со звуци од 100 децибели.

„Се надевам дека луѓето ќе искористат време за да доживеат сопствени моменти на ова место“, посочи Кола преку социјалните мрежи.

Инаку, Кари Кола на македонската јавност и е познат како човекот кој со својот тим ја постави светлосната инсталација „Магична градина“ во скопскиот Градски парк, во склоп на ланското издание на „Skopje light art district“. Тој понуди амбиентално светлосно и аудио искуство, создавајќи надреален свет каде луѓето можеа да влезат во областа.

„Магичната градина“ во Градски парк, фото: Кари Кола / Фејсбук

Исто така, Радио МОФ веќе пишуваше и за т.н. градина „Ботаниа“ во Финска, чиј сопственик е Кари Кола. Се работи за тропска градина каде во изминатите неколку години посетителите можат да уживаат во над 2.000 растенија и природно опкружување, следејќи културни настани и фестивали.

Кари Кола, уметник и сопственик на „Ботаниа“: Во градината создадовме тропски услови кога надвор е -40 степени