[Фото] Финскиот уметник Кари Кола создаде реплика на Стоунхенџ од снег  

Лоцирана во градини во неговиот роден град Јоенсу во Финска, визуелниот уметник Кари Кола заедно со експерти за скулптури и контрукции создаде реплика на мегалитниот споменик Стоунхенџ. Делото се вика „Сноухенџ“ и е направено комплетно од снег.

„Сакав да создадам нешто впечатливо за овие тешки времиња и мислев на најдобрите места на кои сум бил… Тогаш сè беше јасно! Ајде да го изградиме Стоунхенџ на скала 1:1 од снег!“, соопшти Кари Кола, дополнувајќи дека за зафатот добил одобрение и од луѓето задолжени за Стоунхенџ.

Според Кола, многу е важно да се запомни историјата и важноста на културата и уметноста.

Фото: Кари Кола / Фејсбук

„Во овие луди времиња со пандемијата, тажно беше да се види дека многу влади имаат мала поддршка за уметноста и уметниците. Се надевам дека проектот ќе ги инспирира другите уметници да продолжат да создаваат прекрасни проекти низ целата планета“, соопшти тој.

Инаку, Кари Кола на македонската јавност и е познат како човекот кој со својот тим ја постави светлосната инсталација „Магична градина“ во скопскиот Градски парк, во склоп на ланското издание на „Skopje light art district“. Тој понуди амбиентално светлосно и аудио искуство, создавајќи надреален свет каде луѓето можеа да влезат во областа.

„Магичната градина“ во Градски парк, фото: Кари Кола / Фејсбук

Исто така, Радио МОФ веќе пишуваше и за т.н. градина „Ботаниа“ во Финска, чиј сопственик е Кари Кола. Се работи за тропска градина каде во изминатите неколку години посетителите можат да уживаат во над 2.000 растенија и природно опкружување, следејќи културни настани и фестивали.

Кари Кола, уметник и сопственик на „Ботаниа“: Во градината создадовме тропски услови кога надвор е -40 степени