Во Кинотеката на Македонија денеска беше промовиран проектот „Гледаме со ушите“, преку кој три дела од македонското филмско наследство за првпат добија аудиодескрипција на македонски јазик. Слепите и слабовидните лица сега можат да ги следат „Снимките на браќата Манаки“, „Фросина“ (1952) и „Македонска крвава свадба“ (1967) со нарација што опишува што се случува на екранот.

Во реализацијата на проектот учествуваа Асоцијацијата за пристапност и инклузија, здружението за афирмација на уметноста „Флуктус“ како и ДСУРЦ „Димитар Влахов“ од Скопје, во соработка со Кинотеката и со поддршка од Министерството за култура и туризам.
На промоцијата публиката проследи исти филмски сцени со и без аудиодескрипција за да ја слушне разликата. Потоа се разговараше за тоа како аудиодескрипцијата да стане редовен дел од домашната филмска и телевизиска продукција.

Кристијан Лазарев, претседателот на Асоцијацијата за пристапност и инклузија, го оцени проектот како важен прв чекор и нагласи дека аудиодескрипцијата треба да стане стандард за сите домашни филмови, особено за оние што се снимаат со јавни средства. Тој најави дека Асоцијацијата ќе продолжи да се залага за тоа.
Ангела Стојановска од Здружението за афирмација на уметноста „Флуктус“, партнер во проектот, во своето обраќање зборуваше за предизвиците со кои се соочил тимот при изработката на аудиодескрипцијата. Таа истакна дека оваа работа треба да продолжи за повеќе македонски филмови да станат достапни за слепите и слабовидните лица.
Во Кинотеката следуваат две бесплатни проекции. Во петок, на 27 ноември, ќе се прикаже „Македонска крвава свадба“, а во понеделник, на 30 ноември, „Фросина“. Двете проекции почнуваат во 10:30 часот со избор од „Снимките на браќата Манаки“.



