[Фото] Театарско-музички перформанс за Горан Стефановски по повод неговиот роденден

Десетици граѓани денес (27 април) се собраа на скверот „Јас и ти“ во Дебар маало кај клупата со споменикот на македонскиот драмски писател Горан Стефановски да го проследат музичко-драмскиот перформанс со кој беше одбележан неговиот роденден.

Годинава настанот беше посветен на љубовта на драматургот кон рокенрол музиката, па се рецитираа делови од драмскиот текст „Лонг плеј“, а помеѓу една и друга сцена се пееја нумери од „Леб и сол“ и „Фолтин“. Во режија на Јордан Симонов, текстот го изведуваше актерот Александар Микиќ, а песни од македонските бендови пееја музичарите Марија КаеваВладан ДобрицкиМирко Попов и Дина Јашари. 

По изведбата се обрати и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски кој пред присутните рече дека Општината секоја година ќе го чествува роденденот на Стефановски кој ни остави, како што рече грамадно драматуршко наследство што сега заедно со него живее во вечноста.

„Можеби некој ќе се запраша зошто годинава одбравме да се посветиме на љубовта на Горан кон рокенролот. За тоа има две причини: Горан уште од средношколските денови, па сè до крајот на неговиот живот го испишувал неговиот музички дневник во кој мошне речито истакнувал колку многу му значи рок музиката. Тој е едниот од ретките колекционери кој имал илјадници плочи и цедиња уште од 1960. Втората причина е посветата која професорот Горан Стефановски ја напишал на драмата ‘Лонг пле’“ на неговиот некогашен студент Јордан Симонов, а која гласи ‘За Јоцо – рокерски поздрав од Горан’. Горан беше неверојатно поврзан со Македонија, ама тој не ја сакаше само во духот на патриотизмот, тој ја сакаше низ нејзината уметност, литература, творечка традиција. Тој имаше и друга татковина – уметноста, земјата која не познава граници, нации, државјанство. Во земјата на уметноста Горан беше исто толку роден во Англија колку и во Македонија. Тој потекнуваше од театарот, како што и самиот напишал во есејот ‘Искрата што бега’“, рече Герасимовски во својот говор.

Горан Стефановски е современ македонски драмски писател на голем број драмски текстови кои се адаптирани во телевизиски серии и филмови и претстави поставени на сите македонски сцени, на Балканот и пошироко. Покрај драмски текстови, автор е и на кратки раскази кои се собрани во збирката „Конзервирани импресии“. Стефановски бил асистент по англиска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје и редовен професор по драматургија на Факултетот за драмски уметност во Скопје. Бил визитинг професор по драматургија на Драмскиот институт во Стокхолм, Шведска, а од 2000 година бил хонорарен професор по драматургија на Универзитетот во Кент и на Крајст Черч колеџот во Кентербери, Велика Британија. Меѓу неговите најпознати  текстови се драмата „Диво месо“, „Лет во место“ (театарска фреска), „Хи-Фи“ (театарска мутација), „Дупло дно“ (театарска пасија во три става со кода) и „Бушава азбука“ (ТВ-серија во 31 епизода).