[Фото] Мурал на Горан Стефановски во скопски Центар по повод 70 години од неговото раѓање

Роден на 27 април, 1952 година, Горан Стефановски претставува еден од најистакнатите македонски драматурзи, а по повод 70 години од неговото раѓање денес во Општина Центар ќе биде претставен и мурал во негова чест.

Муралот е дело на тату-артистот Блаже Атанасков, а исцртан е на дел од фасадата на ООУ „Коле Неделковски” во Дебар Маало.

Муралот и официјално ќе биде претставен од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во 17 и 30 часот. По откривањето на муралот, во 18 часот во паркчето кај спомен-обележјето на Горан Стефановски ќе следува и драмски перформанс „Маалски драмски разговори“.

По повод јубилејот денес свое онлајн обраќање имаше и неговиот син, Игор Стефановски, кој преку Здружението за промоција на културното наследство на Горан Стефановски, направи годишен осврт на проекти и дела поврзани со зачувувањето на делото на драматургот.

„Претставата ‘Диво месо’ е поставена во Белград, а во МНТ се прикажува ‘За нашиот Горан’ по концепт на Весна Петрушевска – претстава за деца која не е детска, признавам дека плачев како дете додека ја гледав, треба да слушнеш како звучи кога твоите реплики ги кажуваат деца“, истакна Игор Стефановски.

Тој се осврна и на претставата „My name is Goran Stefanovski“ која се игра во Драмскиот театар, а претставува омаж и мета приказна од текстови на Стефановски кои не биле поставени во театарот.

Неговиот син соопшти и дека претставата „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска наскоро ќе почне да се изведува во Велес.

Истовремено, на овогодишниот Саем на книга, достапно ќе биде реизданието на „Бушава Азбука“.

Игор најави и поставување на бронзена плоча со цитати од Стефановски во непосредна близина на спомен клупата во Дебар маало, како и идеја за подарување на делото „Диво месо“ на сите матуранти кои според учебната програма го обработуваат ова дело како лектира.

„Среќен 70-ти стари, сигурно на ваков ден ќе те зафркавав дека влегуваш во нова декада, а ти ќе кажеше дека уште се чувствуваш како да имаш 18. Те сакам“, гласеше одјавата на Игор Стефановски.

Ивана Смилевска