„Глаголица / Кирилица“ – Отворена трибина во МКЦ

Денес од 18 часот во МКЦ, сала Фросина ќе се одржи Отворена трибина насловена „Глаголицата и кирилицата низ призмата на богатото македонско културно наследство и нивната примена“.

На трибината воведен збор ќе има Елка Јачева-Улчар, а свои презентации ќе имаат Лазе Трипков и Ласко Џуровски.

„Во воведното излагање Елка Јачева –Улчар ќе се осврне врз глаголицата и кирилицата како две азбуки што егзистирале и егзистираат на наша почва од јазично-историски аспект. Лазе Трипков преку презентација посветена на глаголицата ќе ни ги прикаже глаголските букви низ сопствената визура и нивното симболичко значење. Ласко Џуровски, пак, на презентацијата на македонската кирилица ќе ни ги посочи предизвиците со кои се соочува таа во дигиталната ера и ќе ни понуди неколку решенија за нивно надминување“, соопштија од МКЦ.

Трибината кореспондира со изложбата „Македонска глаголица. Македонска кирилица“, која на 28 февруари се отвори во Галерија МКЦ.

Организаторите посочуваат дека настанот ќе биде организиран со почитување на актуелните ковид-протоколи.