[Фото] Создадена првата еко-занимална во градинката „Орце Николов“ во Карпош

Клацкалки од еко-материјали, клупи за седење, импровизиран бунар, масички за „икс точка“ и „не лути се човече“, како и зеленило, се дел од работите дел од првата еко-занимална во Карпош, која се наоѓа во рамките на детската градинка „Орце Николов“, информира Општина Карпош.

Оттаму велат дека станува збор за уредена зона на отворено, која може да ја користат децата и воспитниот кадар, и додаваат дека во рамките на занималната е созададена градина, во која се одгледуваат најразлични билки.

„Оваа занимална е создадена од воспитниот и административниот кадар на градинката, со поддршка и од децата, родителите, директорката Надица Гировска, како и од општина Карпош“, стои во соопштението на општината.

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев посочи дека е среќен што примерот од училишатата, со еко-училниците се пресликува и во градинките.

„Децата во Карпош уште од рани години учат за околината, како да ја заштитат и како да ги преработат материјалите и да создадат нешто функционално. Токму во текот на летото, оваа градинка ќе добие и дополнителен објект. Имено, предвидени се четири нови занимални, со што значително ќе се зголемат капацитетите за згрижување на деца“, рече Богоев.

Истовремено, тој истакна дека градинките повеќе не се установи во кои децата само престојуваат, додавајќи дека тука тие сега,  меѓудругото и стекнуваат навики, учат за првите поими и појави, како и дека се поттикнати и на креативност, двонасочна комуникација и одговорност.

Инаку, градинката „Орце Николов“, како што велат од општината, периодов аплицирала и на ЕРАЗМУС+ проекти, со што, како што додаваат, се потврдува нивната заложба за подобра работа со деца и овозможување на подобри услови за нивна едукација.