Новата градинка во Волково ја доби годишната награда за архитектура

Објектот „Градинка во Волково“ ја доби Годишната награда за архитектура на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија (ААМ) за 2021 година. Автор на идејното решение е архитектот Филип Конески, додека во разработката на основниот проект учествуваа м-р Даница Спасевска и м-р Анета Мартулкова.

Наградата е под покровителство на Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, а дел од фондот го обезбедува и Македонската Авторска Агенција.

На доделувањето на наградата, претседателот Пендаровски нагласи дека заедницата е обврзана да придонесе за творечката слобода и професионалниот интегритет на македонските архитекти и да овозможат архитектурата да ја исполнува својата примарна цел – да го облагородува просторот, но и животите на луѓето.  

„Несомнено секој архитект се соочува со предизвикот да направи дело коешто ќе му пркоси на забот на времето и ќе ја има во себе претпоставката дека е градба по мерка на човекот. Македонските архитекти често се соочуваат и со дополнителни предизвици – со барањата на инвеститорите, со апетитите на урбаната мафија или, како што имавме ситуација во време на едноумието, а и до пред некоја година, да треба да задоволуваат небулозни идеолошко-политички барања. Згора на тоа, ја имаат и природната обврска да ја чуваат и усовршуваат македонската традиционална архитектура“, изјави Пендаровски при доделувањето на наградата.

Наградениот објект е лоциран на маргините на Волково, на возвишување, од каде се отвора поглед кон населбата и градот. Градинката е во завршна прва фаза, додека во втората фаза во иднина, се планира изведба на кровна градина.

За наградениот објект, од Асоцијацијата на Архитекти нагласуваат дека е специфичен за македонската пракса и претставува одреден чекор напред кон посмело размислување во проектантскиот процес за оваа типологија на објекти.