[Фото] Силно невреме го зафати Скопје: Откорнати дрвја, настрешници и закочен сообраќај

Невремето проследено со пороен дожд, град и ветер, кое попладнево го погоди Скопје, направи штета на повеќе места во главниот град. На бројни локации невремето однесе настрешници, гранки, откорна дрвја и делови од покриви.

Поплавени се голем број улици, па направи проблеми и во одвивањето на сообраќајот.  Граѓани преку социјалните мрежи се пожалија дека закочен или пренасочуван е и јавниот превоз на ЈСП.

Претпријатието „Улици и патишта“ информираше дека денеска 20-ина крстосници целосно се исклучени, или се на „трепкаво светло“, а во координација со полицијата се регулира сообраќајот.

Докај 22 часот, од Центарот за управување со кризи на бројот 112 добиле над 400 пријави. Информираа дека од досегашните проценки откорнати се повеќе од 30 дрвја и оштетени над 20 возила.

Според ЈП „Паркови и зеленило“, пак, пријавени се 40 локации на кои е побарана нивна интервенција, но од час до час стигнуваат и нови пријави.

„Се случува на една локација да има паднати  повеќе дрвја и гранки така што бројот на потребни интервенции е многу поголем“, посочија од таму, додавајќи дека на некои места каде е опасно да се делува ноќе и има потреба да се исклучи струјата, ќе се интервенира и во текот на утрешниот ден.

Градоначалничката Данела Арсовска, откако се состана кризниот Штаб за заштита и спасување на Град Скопје, истакна дека екипи интервенираат на повеќе од 30-ина локации каде има поплавувања.

„Сите екипи се мобилизирани и се на терен, меѓу кои и противпожарната бригада на Градот Скопје, која со успешна интервенција успеа да спаси над 20 лица. Тимови составени од јавните претпријатија расчистуваат на терен и ќе останат се до целосно санирање на проблемите на критичните места и до нормализација на состојбата“, истакна Арсовска.

Од Град Скопје потенцираа дека силното невреме предизвика и материјални штети кои веќе се санираат, а кризниот Штаб по целосна анализа на состојбите ќе најави решение за овие проблеми, но ќе се бара и одговорност за несоодветната инфраструктура која допринела за штети на градските булевари.