Во Кисела Вода вчера беа објавени резултатите од Меѓународниот конкурс за идејно решение за ДУП Расадник.
Според општинарите од Кисела Вода, два од вкупно пет пристигнати труда, освоија еднаков максимален број на поени и рамноправно го поделија првото место „како најдобар одговор на барањето на Општина Кисела Вода за обезбедување на хумано живеење во населбата Расадник“.
„Се работи за проекти на проектантска куќа од Хрватска, AG PLANUM doo и од група архитекти од Грција, предводени од Алексиос Цомпанакис, за кои одлучуваше стручната меѓународна жири комисија. Третото место го освоија Team PUPA, Life over space, од Литванија, а беше откупен и еден труд од професори и студенти од Меѓународен Балкански Универзитет од Македонија“, соопштуваат од Кисела Вода.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече дека со конкурсот се финализира проект кој, според него, претставува своевидна револуција во урбанистичко-архитектонското делување во Македонија, бидејќи ваков меѓународен конкурс е за прв пат после изборот на Кензо Танге за обнова на постземјотресно Скопје во 1965-та и тој овозможува одговорно, транспарентно, стручно и хумано планирање на изгледот на урбаната заедница Расадник.
„Предлог планот за Расадник од 2020 година на претходната општинска гарнитура во делот кој денес е зелена површина односно неизградениот дел од Расадникот предвидуваше 99 згради и скоро 1 милион м2 станбена површина додека за градежни парцели со намена зеленило имаше површина од околу 10,000 м2. Сите пристигнати трудови од меѓународниот конкурс, сите денес изложени решенија, како што може и сами да видите, имаат над 100.000 м2 зелена површина односно Кисела вода и Скопје добиваат нов Градски парк со површина од над 100.000 м2, што е за 10 пати поголема зелена површина од предложениот Урбанистички план во 2020 година“, рече Ѓорѓиевски.
Во однос на станбени објекти, посочи тој, вкупната етажна површина за градење со намена домување во неизградениот дел од Расадникот изнесува максимално 192,400 м2, што според него е за 80% помала од предлог планот од 2020 година.
Претседателот на жири комисијата и декан на Архитектонскиот факултет во Скопје, Огнен Марина, истакна дека Меѓународниот конкурс за Расадник е резултат на еден визионерски и одговорен процес на создавање подобра иднинa за граѓаните на Кисела Вода и Градот Скопје и дека соработката на Општина Кисела Вода со стручната јавност треба да биде добра пракса која треба да ја следат и другите општини. Потоа тој говореше за критериумите од кои се водела жири комисијата и ги објави имињата на наградените.
„Жири комисиjата одржа шест седници, на кои врз основа на извештајот за исполнетост на основните услови од објавата на конкурсот, како и исполнетост на проктната задача, со посебен осврт на квантитативните параметри, исполнетост на посебни услови (изводливост, етапност, економичност, конструкција, ускладеност со важечки прописи и други аспекти, донесе заедничка одлука која е афирмативна во процесот на организација и реализација на меѓународниот архитектонско-урбанистички конкурс и соодветна на квалитетот на пристигнатите проекти“, изјави Марина.
Фото: Кисела Вода