Формирано Национално координативно тело за недискриминација

Конститутивната седница на Националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област беше одржана денеска во Владата на Република Македонија, информираа од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска нагласила дека во работата на ова тело ќе биде ценето мислењето на сите и дека се добредојдени конструктивните критики за за унапредување на состојбите.

„Потребата од формирање на посебно тело за координација и следење на состојбите со недискриминација е пред сe’ заради подигнување на транспаретноста во работењето на државните институции во оваа област, координација на активностите меѓу институциите и организациите (здруженија на граѓани и меѓународни организации), заедничко воспоставување на приоритети на годишно ниво во оваа област врз основа на меѓународни и други извештаи и анализи, како и континуирано следење на состојбите во оваа област и заедничко предлагање на мерки за подобрување на состојбите“, се наведува во соопштението од МТСП.

Во работата на Националното тело за недискриминација учествуват 36 претставници на министерства и други државни институции, граѓански и меѓународни организации, синдикати и институти. Формирањето на ова тело, додаваат од МТСП, е во насока на спроведувањето на Програмата за работа на Владата на Република Македонија 2017-2020 и Стратегијата за еднаквост и недискриминација 2016-2020, за подобра координација и ефикасност на механизмите за спречување и заштита од дискриминација.