Формирана првата регионална платформа за млади од Пелагонискиот регион

Општина Битола информира дека е потпишан Меморандум за воспоставување на првата регионална платформа за млади од Пелагонискиот регион.

Во младинската платформа членуваат 18 субјекти, или 9 општини од регионот, а таа се формира преку проект на организацијата „Про Локал“ од Битола.

„Сите ние од Пелагонискиот регион, 9 Градоначалници и 9 општински Совети ги отвораме ширум вратите за младите, и ги покануваме младите преку своите граѓански организации, но и лично, да ни пристапат во ова здружување да работиме заедно, да ги мапираме предизвиците со кои се соочувате вие – младите и да си дадеме шанса да ги надминеме“, изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Фото: Општина Битола

Проектот се имплементира повеќе од две години, а во него се вклучени над 100 млади од целиот Пелагониски регион.

Како што информираат од Општината, одржани се над 1600 активности, кои се во насока на зајакнување на младите, како: работилници, семинари, дебати, но и реализација на мали инфраструктурни проекти, кои се кофинансирани од проектот, но и од деветте локалните самоуправи.

Платформата се формира во рамките на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“, кој го имплементира „Про Локал“ со финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија, преку програмата „Матра“.