Формиран градски еко совет – Зелен совет на Град Скопје

Дваесет и пет експерти и претставници на граѓанскиот сектор од областа на урбаното планирање, урбанизмот, архитектурата, сообраќајот, енергетиката и заштитата на животната средина се дел од новоформираниот градски еко совет – Зелен совет на Град Скопје.

Од Град Скопје информираат дека советот има цел да креира политики од областа на екологијата, сообраќајот, урбаното планирање, но и да предлага стратегии и да дава совети за иднината на развојот на градот.

„Овој Совет има за цел да ни помогне на нас скопјани со заеднички и насочени активности да создаваме подобри услови за живот во градот. Време е да се поставават основите за креирање системски решенија за проблемите на Скопје поврзани со екологијата. Преку овој Совет ќе се бориме и против урбанистичкиот хаос во градот, ќе се креираат конкретни политики и препораки кои со акциски план и конкретни временски рамки ќе се овозможи следење и контрола на исполнувањето на плановите во пракса“, изјави на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Дополнително, од Град Скопје велат дека советот ќе има цел да ја подобри заштитата на животната средина, да креира политики за спроведување активности за поставување системски решенија за намалување на загаденоста, како и поставување нови стандарди за
заштитата на животната средина.

На советот ќе се креираат идеи, предлози и политики за прашања и работи кои потекнуваат од самите членови на телото, другите организации и институции, како и од самите граѓани, додаваат од Град Скопје.

Притоа, оттаму посочуваат и дека прашањата кои ќе се третираат како и понудените решенија, треба да бидат реални и остварливи, а истите ќе бидат реализирани од релевантните Сектори во градот.