„Форми на повторно создавање“ на Ирена Пејовиќ во Центар-Јадро 

Во КСП Центар-Јадро во Скопје од утре (четврток, 16 јуни) во 20 часот ќе биде отворен „Форми на повторно создавање“ на Ирена Пејовиќ.

Како што велат од Центар-Јадро, „Форми на повторно создавање“ е мултидисциплинарен настан кој наметнува перцептивни методи на организација при изработката на делото.

„Ја бара еластичноста во видеото како медиум и користи акции на повторување како повторени движења, повторени звуци, поделено пресликување, селективна поделба, селективно гледање и селективно слушање, за да го прошири разбирањето на субјектот од едно единствено тело во настан на формирање релации“, соопштува Центар-Јадро.

Настанот ќе трае од 16 до 24 јуни.

Од Центар-Јадро посочуваат дека Пејовиќ создава настани кои водат надвор од визуелниот аспект, кореографирајќи движења кои ја претвораат публиката во истражувач на еден свет кој е активен и во создавање, како збир на релациони односи, на начин на кој тие го немаат доживеано претходно.

„Во нејзините дела, публиката се движи со сензори, користејќи вид, звук, навигација, чувство на текстура, боја, големина, и е подвижна и неподвижна. Делата, просторот и гледачот земаат рамноправен дел во изработката на настаните“, се вели во најавата.

За нејзините дела, Бен Дејвис, национален критичар, за „Артнет њуз“ вели: „Нејзиниот интерес за танцот и импровизираните движења се дестилира во средини кои на видик се ултраделикатни и робусни. Пејовиќ ја развива идејата за скулптура, не како фиксен збир од објекти, туку како релации кои секогаш се одвиваат – кои влијаат и се под влијание на начинот на кој гледачите се движат низ нивните параметри. Транспарентните материјали прикриваат суптилни движења и случајности кои доаѓаат во фокусот, за потоа да се распаднат во истрагата; На суптилен начин, од оваа средина се појавуваат тактилни и аудитивни компоненти кога таа е истражена, нагласувајќи ја концепцијата на уметноста како производ на холистичко искуство поголемо од кој било од неговите делови“.