Филозофското друштво на Македонија одбележува 70 години постоење

Годинава Филозофското друштво на Македонија одбележува 70. години постоење (формирано во 1956 година под името Филозофско друштво на Социјалистичка Република Македонија). Така, под закрила на овој убав јубилеј на 10 март (вторник) по трет пат пригодно ќе се чествува денот на ФДМ. 

Програмата предвидува промоции на две изданија излезени кон крајот на минатата година: „Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“ од акад. Иван Џепароски и 38. број на списанието „Филозофска трибина“. 

Монографијата на нашиот еминентен филозоф, естетичар, есеист, поет и книжевен критичар, Иван Џепароски, „Историја на естетиката: од Питагора до Хјум“ е во издание на издавачката куќа „Аз-Буки“ и претставува пето издание од престижната едиција „Филозофски дисциплини“. Книгата е изворно дело од областа на естетиката и е резултат на авторовото големо теориско и емпириско искуство и знаење стекнато во повеќедецениска научно-истражувачка и културна дејност во областа на филозофските односно хуманистичките науки, имено на естетиката, односно на филозофијата на уметноста или филозофската естетика.    

Промотивна реч за делото ќе одржат проф. д-р Вангел Ноневски и проф. д-р Јасмина Поповска. 

Темата на бројот во „Филозофска трибина 38“ гласи „ФИЛОЗОФИЈАТА КАКО ЖИВОТНА ПРАКТИКА“ и во неа се наоѓаат осум текстови (од проф. д-р Јасмина Поповска, м-р Ана Петровска, Радован М. Спиридонов, вонреден проф. д-р Павел Зигадло/Полска/, доц. д-р Александар Стаматов, Росано Чолаков, д-р Татјана Миљовска и м-р Душица Ѓокиќ). Дополнтелно, во бројот се поместени и: два авторски текстови (од акад. Иван Џепароски и д-р Бошко Караџов); еден превод од американскиот филозоф, основач на дисциплината филозофија за деца, Метју Липман, од страна на докторанд Душица Димитровска; еден текст во рубриката Средношколски форум (од Мила Кралева); еден приказ на книга (од проф. д-р Јасмина Поповска); и два прилога во рубриката Филозофски живот. 

„Филозофска трибина 38“ ќе ја промовира м-р Мариглен Демири. 

Локација на собитијата ќе биде Свечената сала на Филозофскиот факултет во Скопје со почеток во 11 часот.