Фестивалот на македонски филм „Златна рамка“ годинава ќе додели награди на Тони Михајловски, Владимир Анастасов – Вац и Марина Колоска

Шестото издание на филмската ревија „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), започнува утре (18 јуни) во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) и ќе трае до 20 јуни.

„Филмските ентузијасти ќе може да ги проследат најновите филмски остварувања на домашните филмски таленти. ‘Златна рамка’ ќе започне традиционално, со свеченото собрание на ДФРМ, по што ќе следува богата тридневна филмска програма“, велат организаторите.

Во рамки на тридневната фестивалска програма ќе бидат доделени награди на актерот Тони Михајловски, продуцентот Владимир Анастасов – Вац и филмскиот работник Марина Колоска.

Програмата нуди различни долгометражни, краткометражни и документарни филмови од најновата македонска филмска продукција. Првиот ден на фестивалот со почеток од 18 часот ќе се прикажат документарците „Бисер“ во режија на Драган Кумев и „Последниот каубој на Балканот“ од режисерот Сабедин Али. Додека пак, прикажувањето на долгометражниот филм „Преекспонирано“ на режисерката Елеонора Венинова ќе започне од 20 и 30 часот.

На „Златна рамка“ на 19 јуни (среда) од 12 часот ќе се прикажат документарните филмови “Живот на крстосница“ (Недопирливи) од Зоран Димов и „Емигрант сум или…“ од Сенад Абдули. Вечерта од 18 часот ќе бидат прикажани 9 кратки филмови на режисерите Александра Кардалевска, Ангела Димеска, Јован Саркањац, Јане Спасиќ, Ѓорче Ставрески, Сандра Георгиева, Сабедин Селмани, Берат Асани, Јане Алтипармаков и Гоце Трајковски. Исто така, во среда од 20 часот ќе има презентација на филмската камера на “Sony“.

Последниот фестивалски ден ќе започне со трибина на тема „Зачувување на аудиовизуелното наследство“ во која ќе учествуваат Владимир Ангелов, Владимир Павловски, Игор Старделов и Роберт Јанкуловски. Филмот „Дневник по многу години“ во режија на Никола Т. Калајџиски ќе биде прикажан на третата фестивалска вечер од 18 часот, „Лена и Владимир“ од режисерот Игор Алексов од 20 часот и „Домаќинство за почетници“ од режисерот Горан Столевски од 22 часот.

Дополнително, во рамки на фестивалот „Златна рамка“ во четврток (20 јуни) во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ ќе се спроведе социјалната програма „Фокус“ која нуди специјални проекции за публиката која не може да го посети киното „Фросина“.

Организаторите потенцираат дека фестивалот е инициран како дел од стратешката програма за афирмирање на филмската уметност и домашната продукција и се етаблира како клучен настан за промоција на македонската кинематографија.

„Примарната цел на фестивалот е транспарентно да ја претстави годишната продукција, а со тоа да го подобри квалитетот на проектите и да генерира интерес кај домашната публика и медиумите“, нагласуваат од ДФРМ.

Фестивалот „Златна рамка“, како што тврдат од организацијата, нуди платформа за филмските професионалци да разговараат за релевантни прашања и да ги споделат нивните достигнувања и служи како место за средба на филмаџиите, актерите и кино ентузијастите.

„Оваа филмска ревија која веќе традиционално се одржува секоја година, продолжува да ги промовира македонските филмски дела и да придонесува за енергичниот културен дијалог што ги надминува лингвистичките и културните граници“, додаваат од организацијата.