Фестивалот „Литера“ почна со Летен креативен камп во Богданци

Со летен креативен камп вчера во Богданци започна четвртото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“. Летниот креативен камп е најава за годинашниот патувачки карактер на „Литера“, како и за идејата за децентрализација на фестивалските настани, низ повеќе градови и населени места во Македонија.

Летниот камп се одржува во просториите на познатата графичка работилница во Богданци и на него учествуваат деца од 7-14 години. Тие преку интерактивни предавања ќе се запознаат со основоположниците на македонската современа уметност, со различни ликовни техники, а работат и на креирање сликовница од идеја, преку текст, илустрација до печатење и конечна реализација. Кампот ќе заврши со групна изложба на сите сработени дела.

Софија Семенпеева-Трајановска, основач на „Литера“ и еден од менторите на Летниот камп, вели дека темата на фестивалот, а и на летниот камп е „Дом без граници“. На неа твореа илустраторите што испратле свои дела на годинашниот повик. На оваа тема организаторите зборуваат и креираат и со децата кои на кампот ќе се сретнат и со неколку автори и илустратори.

„Сакавме нашата мисија за квалитетна литература и илустрација за деца да стигне до што повеќе деца и млади. Без помпезости, но вредно и трудољубиво се обидуваме во ‘Литера’ да вклучиме што повеќе учесници од различни профили. Така детскиот камп е отворен и за локалното население, како што ќе бидат отворени и сите наши следни активности. Учесниците на кампот ќе работат и со уметниците Доротеј Нешовски и Ана Димчевска Семенпеева, како и со авторката Магде Ангова. Целта ни е да ја поттикнеме детската креативност, но и македонската продукција за деца и во пишувачкиот и во делот на илустрацијата“, вели Семенпеева Трајановска.

Патувачкиот караван на „Литера“ годинава ќе ги посети и Валандово, Гевгелија, како и неколку села во Преспанскиот регион.

Една од важните активности што „Литера“ ги има во својата програма за годинава е изложба на дела на современи македонски илустратори на Фестивалот за детска литература и илустрација „Овца во кутија“, во Пазин, Хрватска. Четворица актуелни автори ќе се претстават во срцето на Истра на групна изложба од 12 до 18 септември.