Фејсбук потврди дека Инстаграм влијае на суицидните мисли на младите луѓе

Протечени документи покажуваат дека Фејсбук најмалку две години во тајност чувал интерни студии за штетното влијание на нивната апликација Инстаграм врз тинејџерките, додека раководителите на Фејсбук во јавноста постојано го минимизираат и заобиколуваат проблемот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Платформата за споделување фотографии и видеа која е во сопственост на Фејсбук од 2012 година е одговорна за предизвикување суицидни мисли кај младите корисници, наведуваат медиумите.

Во фокус групи, тинејџерки во Велика Британија и САД го обвинија Инстаграм за чувство на анксиозност и депресија, откри интерното истражување кое протече во јавноста, а кое прв го објави „Волстрит џурнал“, истакнувајќи дека Фејсбук е свесен дека Инстаграм ја влошува сликата за телото на секоја трета тинејџерка што ја користи апликацијата.

Меѓу тинејџерите кои пријавиле суицидни мисли, 13 отсто биле корисници од Велика Британија и шест отсто од САД.

„Споредбите на Инстаграм можат да го променат начинот на кој младите жени се гледаат и опишуваат себеси“, се наведува во еден од документите, додека исто така се истакнува дека тинејџерите го обвинуваат Инстаграм за зголемување на стапките на анксиозност и депресија, а истражувачите заклучиле дека „реакцијата била конзистентна во сите групи“.

Истражувањето за Инстаграм е најдлабокиот поглед на она што го знае Фејсбук за неговото влијание врз тинејџерите и нивната ментална благосостојба, а исто така покажува дека технолошкиот гигант направил минимални напори во решавањето на воочените проблеми и да ги минимизира во јавноста.

Документите за Инстаграм се дел од голема интерна комуникација за различни истражувања што ги вклучуваат менталното здравје на тинејџерите, политичкиот дискурс и трговијата со луѓе.