Фатумата Диавара, „Нувел Ваг“, „Зостер“ и „Корпорација Вагина“ на „Д Фестивал 2024“

Овогодинешното, четиринаесетто издание на „Д Фестивал“ ќе се одржува од 28 до 30 јуни во Дојран, а досега се најавени повеќе музички имиња што ќе настапуваат на неколку стејџови, кои три дена ќе нудат програма за сите фестивалџии и кампери.

Директно од Мали, за главната бина е најавена Фатумата Диавара, претпознатлива со нејзиниот вокал и моќни перформанси.

„Гласот на Фатумата е хипнотизирачки спој на традиционалната афричка музика и модерното, беспрекорно проткајувајќи ги различните жанрови. Како застапник за африканската култура, таа ја отелотворува и го слави духот на жената во нејзината уметност“, стои во најавата за Фатумата, која е и активистка што се залага за поддршка на женските права и социјалната правда.

Понатаму, на главната бина пристигнува и еден од најпопуларните кавер бендови, „Нувел ваг“ за да го промовира својот нов, петти албум „Should I Stay or Should I Go?, излезен минатиот месец. Ова е прв албум на бендот по смртта на еден од неговите основачи Оливје Либо, кој почина во 2021.

Волшебно патување со ‘Нувел Ваг’ низ безвременските класици ‘Love Will Tear Us Apart’, ‘Dancing with Myself’ и ‘Just Can’t Get Enough’ преработени во уникатниот спој на меланхоличен пост-панк и боса нова, заедно со нивниот храбар пристап на француска реинтерпретација“, соопштуваат од „Пасворд продикција“, која стои позади „Д Фестивал“.

Исто така, на главниот стејџ ќе се качи и Лил Памп, најавен дека ќе ја донесе „несекојдневната атмосфера на ‘Gucci Gang’, каде што секој момент е шоу на лудило“, а на агендата се и музички состав од Хрватска – „Елементал“.

Во однос на стејџот „Мosquito“, таму за прв пат доаѓа легендарниот поп-реге бенд од Босна, „Зостер“.

„Досега имаат издадено пет студиски албуми, а новиот студиски албум наречен ‘Најгори’ кој излезе во 2023 постигна неверојатен регионален успех. Нивните теми како ‘Фестивал Будала’ и ‘Банана стејт’ се реалноста која ја живееме, а нивниот светски звук е токму она што ни треба за жешкото Дојранско сонце за време на ‘Д Фестивал’“, велат организаторите.

Освојувајќи ја публиката низ Македонија и регионот со своите 2 албума и концертен албум, „Корпорација Вагина“ се спремаат и за концерт на „Д Фестивал“. Ретроспективно гледано, бендот започна како соло проект на музичарот Лука Јованоски во 2022 година, кој е дел од составот на бендот „Луфтанза“.

„‘Корпорација Вагина’ се проширува во целосен бенд во 2023 година преку серија на експлозивни концерти каде што границите се рушат и бендот и публиката стануваат едно“, посочуваат организаторите.

На „Д Фестивал“ повторно ќе биде активиран и стејџот „Shake D Lake“. Овде, во соработка со „Sure Shotz“, ќе настапуваат повеќе трапери како Хилјсон Мандела, Бакс, Ружно Паце, Бон Праскиза, Лука Чомбе, Булз, Шорти Пи, Ири Скреч и Огипилсон.

„Пасворд“ за „Д Фестивал“ досега објавија неколку повици, меѓу кои и за волонтери.

„Ги повикуваме сите наши ентузијасти, љубители на музика, игри и нови искуства, пријавете се и помогнете ни заедно да го изградиме новото издание на ‘Д Фестивал’, рамо до рамо. Не си дозволувајте други да ви раскажуваат што сте пропуштиле“, се вели во повикот.

Во продолжение, да потсетиме како беше на минатогодишното издание:

[Фото] Прв ден „Д Фестивал“

[Фото] Втор ден „Д фестивал“ – Како си поминуваме

[Фото] Настапот на „Onyx“ го одбележа третиот и последен ден на „Д Фестивал“

Бојан Шашевски