Фајзер тврди дека до крајот на годината ќе имаат апче против Ковид-19

Апче против Ковид-19 кое ќе може да се внесе орално, во домашни услови, може да биде јавно достапно до крајот на оваа година, тврди генералниот директор на Фајзер, Алберт Бурла.

Тој во интервју за Си-Ен-Би-Си додал дека во моментов тестираат две верзии на антивиралниот лек, едната се внесува орално, а другата се внесува преку инјекција и според него се очекува лекот да биде ефикасен и против разните варијатни на коронавирусот.

Од Фајзер уште минатиот месец соопштија дека ја започнале првата фаза на клинички тестирања на лекот наречен PF-07321332. Лекот е ефикасен поради протеазните инхибитори во него кои се поврзуваат со вирусните ензими и на тој начин го спречуваат реплицирањето на вирусот во клетките.

Во интервјуото Бурла исто така ја потенцирал важноста на пристапот до вакцините за посиромашните држави.

„Во пандемија, вие сте заштитени исто колку што е заштитен вашиот сосед. Ставајќи ги настрана моралните прашања, доколку не обезбедиме решенија за земјите кои се соочуваат со смртоносни пикови, како Индија и во Африка, тогаш тие нации ќе станат базен во кој вирусот ќе се реплицира и ќе генереира нови варијанти“, рекол Бурла.

Според фармацевтската компанија, протеазните инхибитори досега се покажале како ефективни во справување со други вируси како ХИВ и хепатитис Ц.

„Борбата со пандемијата на Ковид-19 бара истовремено и превенција преку вакцина и насочено лекување за оние кои се заразиле со вирусот. Бидејќи САРС-КоВ-2 мутира, станува веројатно дека ќе биде од голема важност да имаме пристап до терапија, и сега и по пандемијата“, изјавил Мајкл Долстен, главниот научник во Фајзер.

Бурла изјавил повеќе детали околу антивиралниот лек за Ковид-19 во текот на летото, а информирал и дека Фајзер ќе произведе најмалку 2,5 милијарди дози од нивната вакцина оваа година.