„Еуромакс“ повторно во игра за рудникот во Иловица – предметот се враќа на повторно судење во Управен

Вишиот управен суд на 8 јули го поништил решението на Управниот суд со кој се одби жалбата на компанијата „Еуромакс ресоурцес“ за одземената концесија како неоснована и одлучи да има повторно судење во Управниот суд, информираат струмичките активисти од организацијата „Здрава Котлина“.

„Жалбата на Еуромакс се однесуваше на преиначување на пресудата на Управниот суд со цел да ја задолжи Владата да ја поништи одлуката за еднострано раскинување на концесијата како неоснована и да ја задолжи Владата да ги спои концесиите“, стои во објавата на „Здрава Котлина“.

Тие истовремено велат дека со ова, судството е на чекор да ја врати концесијата на компанијата и, како што велат, да придонесат за почеток на граѓански бунт во Струмичката котлина.

Активистите во изминатите неколку години организираа бројни протести и блокади против отворање на рудникот во Иловица.