ЕУ и членките да ги спроведуваат обврските кон бегалците, бараат над 90 организации

Повеќе од 90 организации за човекови права во Европа тврдат дека од неодамна се зголемени обидите на Европската Унија и нејзините земји-членки да ги избегнат своите одговорности за азил, со што ризикуваат да го поткопаат системот за меѓународна заштита.

„За да бидеме сигурни дека бегалците имаат пристап до заштита, државите мора да го гарантираат нивното право да бараат и уживаат азил, како и да ги почитуваат своите обврски кон меѓународниот систем за заштита на бегалците“, истакнуваат организациите во заедничка изјава.

Тие наведуваат дека се вознемирени од овие случувања и ја повикуваат Европската Унија и земјите-членки да го заштитат правото на територијален азил во Европа, односно да си ги исполнат обврските кои ги имаат според член 18 од Повелбата за основни права на ЕУ.

„Дискусиите за екстернализацијата (тенденцијата да се проектираат внатрешните состојби на надворешниот свет) на азилот не се нови и постојано се критикувани, оспорувани и отфрлани низ годините. Самата Европска комисија ја отфрли правната изводливост на таквите модели во 2018 година, опишувајќи ги како ‘ниту пожелни, ниту изводливи’“, велат организациите.

Според нив, глобалните потреби за заштита се повисоки од кога било, а земјите со низок и среден приход се домаќини на 75% од бегалците во светот. И покрај ова, наведуваат тие, од неодамна има пораст на предлози во Европската Унија да се префрли обработката на барањата за азил или пак одговорноста за обезбедување заштита на бегалците на земјите кои не се членки.

„Италија, на пример, моментално бара да ги обработи барањата за азил на одредени групи баратели кои се надвор од нејзината територија, односно во притворот во Албанија, што ризикува да доведе до продолжен, автоматски притвор, одбивање на пристап до правични процедури за азил со неопходни процедурални гаранции и одложено слетување за луѓето спасени или пресретнати на море. А, други држави, како Германија и Данска ја оценуваат изводливоста на овој тип на аранжман“, објаснуваат организациите.

Како што информираат тие, 15 од земјите-членки и некои политички групи одобриле „кусогледи“ мерки за префрлање на процесирањето на азил надвор од територијата на Европската Унија и ја охрабриле Европската комисија да истражува начини за да го олесни тоа преку понатамошни законодавни реформи, вклучително и преку „ослабен концепт на безбедна трета земја“.

„Овие обиди мора да се гледаат како паралелни напори за спречување на пристигнувањето на барателите на азил на територијата на ЕУ преку договори за партнерство со трети земји, без никакво внимание на досиејата за човековите права на тие власти“, посочуваат тие.

Според наводи на организациите за човекови права, во текот на изминатите години Европската комисија продолжила да ја заобиколува контролата на парламентот и законодавните рамки на ЕУ на оваа тема. Ова е така, сметаат тие, затоа што се склучуваат сè поконтроверзни и нетранспарентни договори со земјите кои не се членки „фрлајќи им големи суми пари без вистински заштитни мерки за човековите права или механизми за следење, со цел да ги задржи и да го одврати движењето на бегалците кон ЕУ по навидум секоја човечка цена“.

Дополнително, велат оттаму, бегањето на државите од нивната законска одговорност кон луѓето на кои им е потребна заштита и нивното препраќање во трети земји кои не можат да обезбедат ефикасна заштита или кои веќе непропорционално примаат бегалци, не е во согласност со целта и духот на Конвенцијата за бегалци.

„Ова ја замаглува надлежноста и одговорноста, што им го отежнува пристапот на луѓето до правдата кога нивните права се прекршени. Онаму каде е тестирана екстратериторијалната обработка на азил, таа предизвикува неизмерно човечко страдање и прекршување на правата“, додаваат бројните европски организации за заштита на човековите права.

Тие нагласуваат дека австралиската „шема“ за притвор на бегалците покажува дека овие модели доведуваат до продолжено затворање и ограничена слобода на движење, длабоко нанесувајќи им штета и на менталното и на физичкото здравје на луѓето.

„Како резултат на тоа произлегуваат постојани прекршувања на човековите права, вклучително и наметнување на услови кои се сведуваат на нехумано и понижувачко постапување, запоставување, недостаток на пристап до правна помош, недостаток на идентификација и поддршка за специфични потреби и одвојување на семејството“, стои во соопштението.

Ова, сметаат организациите, требаше да послужи како предупредување, но поновите обиди веќе доведоа до тоа луѓе да бидат сместени во притвор и во штетна правна неизвесност под закана за отстранување. Тие го наведуваат примерот на шемата за азил на Обединетото Кралство и Руанда, која „сè уште не е на сила откако Врховниот суд на ОК ја прогласи за незаконска и веројатно нема да биде спроведена во некој значаен обем“.

„Испраќањето баратели на азил во Руанда и други трети земји ги прекршува обврските на земјите во кои бегалците пристигнуваат според меѓународните норми за бегалци и ја поткопува нивната посветеност на владеењето на правото. Лажните ветувања на ЕУ и земјите-членки за обезбедување на почитување на основните права во контекст на аранжманите за екстернализација не се ништо повеќе од празни зборови“, напоменуваат организациите.

Досието за прекршување на човековите права покажува дека ЕУ и земјите-членки немаат соодветни алатки и надлежности за ефективно следење или споведување на стандардите за човекови права надвор од територијата на ЕУ.

„Надвор од страшната човечка цена, овие аранжмани имаат и уништувачко влијание врз администрацијата и трошоците за системите за азил, при што се предвидува дека обидите на Обединетото Кралство насилно да ги однесе луѓето во Руанда ќе чинат неверојатни 1,8 милиони фунти по вратен барател на азил. Ова не е само неоправдано трошење на јавни пари, туку и изгубена можност да се трошат на начини кои навистина ќе им помогнат на луѓето кои бараат азил со инвестирање во праведни и хумани системи за азил и заедниците кои ги поздравуваат“, појаснуваат од организациите.