Емануел Макрон претставен како Хитлер – претседателот поднесе тужба

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го тужи сопственикот на билбордот кој го претставува францускиот претседател како Хитлер, пренесува „Еуроњуз“. Макрон е претставен како Хитлер заради мерките ги воведе поради Ковид-19.

Мишел-Анге Флори, кој поседува околу 400 билборди во јужниот дел на Вар на својот „Твитер“ профил објавил дека е повикан на испрашување во полициска станица поради жалба поднесена од францускиот претседател.

„Во Макронија можеш да се шегуваш со задникот на Пророкот, тоа е сатира, ама ако го претставиш претседателот како Хитлер, тогаш е бласфемија“, изјавил тој.

Навредувачкиот билборд го претставува Макрон униформиран како нацистичкиот лидер Хитлер, тој исто има и мустаќи, а акронимот на претседателското движење „ЛРЕМ“ е нацртано како свастика. На билбордот има порака која гласи „Биди послушен и вакцинирај се“.

Пред неколку денови локалните медиуми пренесуваа за два билборда од четири метри, поставени на влезот во Тулон. Едниот од нив беше прешкртан со зборот „Срам“.

Обвинителството во Тулон отворило истрага за „јавна навреда“.

Прекршокот „навреда на претседателот на Републиката“ беше укинат во 2013 година по пресудата на Европскиот суд за човекови права со која се осуди Франција, но шефот на државата е заштитен од навреди и јавни клевети како и секој обичен граѓанин, па гонењата кои понекогаш се сметаат за напад врз слободата на изразување се ретки.

„Вие го гледате Хитлер, но може да го видите и Сталин, или јас да го видам Чарли Чаплин во „Диктаторот“. Овие билборди го поставуваат прашањето дали е демократија она кога одлуките се носат без претходна дискусија во здравствениот совет“, се бранел обвинетиот Флори.

Ова не е прв пат Флори да добие критики, па и тужби поради неговите билборди кои тој редовно ги користи за да коментира политички и општествени прашања.

Француските граѓани кои се противат на мерките воведени во Франција, ја споредуваат државата со диктатура. Луѓето кои ја протестираат одлуката за здравствените пропусници, кои сега се задолжителни за влез во културни институции, а наскоро ќе бидат воведени и за во барови, ресторани и меѓуградски превоз, може да се забележат на улиците како носат жолти ѕвезди налик на оние од нацизмот.

Министерот за европски прашања, Клемент Бон, ја осудил реториката, велејќи „Би сакал да видам повеќе диктаторски држави како Франција низ светот“.