Ел Салвадор нуди 5.000 „бесплатни пасоши“ на висококвалификувани работници од странство

Централноамериканската држава Ел Салвадор нуди 5.000 „бесплатни пасоши“ на висококвалификувани работници од странство, објави претседателот Најиб Букеле на својот X (Твитер) профил, сакајќи на овој начин да ги поттикне инвестициите во својата земја, пренесува Форбс.

„Научниците, инженерите, лекарите, уметниците и филозофите ќе добијат статус на ‘полноправни граѓани’, вклучувајќи го и правото на глас“, се вели во изјавата на Букеле на X.

Покрај бесплатните пасоши, Владата ќе финансира и преселување на семејства и имот, ослободувајќи ги од задолжителни тарифи и даноци.

Потегот што ќе привлече не само работници, туку и цели семејства да се населат во Ел Салвадор не е изненадување, бидејќи Букеле веќе направи потези како прв човек на Ел Салвадор кои не се секојдневна агенда на реформите на една земја.

Во 2021 година, Ел Салвадор го усвои Биткоинот како законско средство за плаќање заедно со американскиот долар.

Иако Меѓународниот монетарен фонд повеќепати ѝ препорача на земјата да ја отфрли оваа криптовалута, наведувајќи ги ризиците, вклучително и високата нестабилност, минатата година, законодавниот дом го одобри Законот за миграција чија цел е да се забрза стекнувањето државјанство за странците кои донираат Биткоин за поддршка на програмите за социјален и економски развој.