[Екстерно тестирање] Ќе го слушне ли Владата гласот на студентите?

Преку 2.000 студенти вчера излегоа на улица и маршираа против новата предложена реформа од Министерството за образование и наука – да се воведе државен испит во втора и четврта година на сите државни и приватни универзитети.

[Екстерно тестирање] Ќе го слушне ли Владата гласот на студентите?

Посетеноста на студентскиот марш за многумина дојде како позитивно изненадување, особено за оние кои имаа доза на песимизам за умешноста на студентите да се самоорганизираат против една најава за владина реформа во високото образование. Енергијата од скопските улици се пренесе на социјалните мрежи, каде беа видливи изразите на воодушевување од граѓаните, кои го поздравуваа маршот на студентите и храброста да се крене нивниот глас.

Маршот помина, но студентите се решителни дека ова е само почеток и се надеваат дека во иднина Владата и Министерството за образование и наука ќе се повлечат од идејата за вакво тестирање.

[Екстерно тестирање] Ќе го слушне ли Владата гласот на студентите?

Според Дарко Малиновски од студентската иницијатива „Студентски пленум“, вчерашниот марш ги надмина и најоптимистичките очекувања со оглед на краткото време во кое беше организиран. Според него, се покажа дека кај студентите постои одредена критична маса како и енергија за промени.

„Пред нас претстои долг пат. За почеток се надеваме дека најавеното екстерно тестирање во каква било форма како екстерна евалуација на студентите од страна на државата нема да се донесе како измена во Законот за високо образование. Понатаму, „Студентски пленум“ ќе биде тука за да ги брани студентските права и доследно да ги застапува нивните интереси, мошне спротивно од она што го прават студентските парламенти на факултетите. Доколку продолжиме да бидеме вака обединети и силни како студенти, да излегуваме се помасовно на настани од ваков карактер, неминовно е дека министерот ќе ги земе во предвид нашите ставови“, изјави Малиновски за Радио МОФ.

Министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми денеска излезе со изјава дека одлуката за тоа дали ќе има државен испит за студентите и во каква форма би биле тие, ќе се знае во средината на декември.

[Екстерно тестирање] Ќе го слушне ли Владата гласот на студентите?

„Лично, повеќе сум наклонет да има, но не зависи само од мене, туку од повеќе фактори. Пред се, Одборот за акредитација кој треба понатаму да ги спроведува сите активности, па универзитетите, студентите, политики на Владата од аспект на образованието. Ако се одлучиме да има, тоа мора да биде без да се нарушува автономијата на универзитетите, без да се загрози Болоњскиот процес и без да има дополнителен товар и за универзитетите и за студентите“, се вели во изјавата на Адеми.

Сепак, тој не одолеа да го негира гласот на студентите бидејќи според него студентите не биле вистинските организатори на вчерашниот протест, и „некој стоел во позадина“.

– Примив писмо во кое нема ништо конкретно за екстерното оценување. Има барање за оставка на министер, а се знае дека оставка секогаш бараат политички партии, а не студенти. Подготвив одговор на писмото но за жал, не можам да го доставам зашто во писмото нема ни име, ни адреса, рече Адеми.

[Екстерно тестирање] Ќе го слушне ли Владата гласот на студентите?

Студентскиот пленум го објави писмото кое го испратиле до министерот. Студентите во него нагласуваат дека предложената мерка ќе го ограничи правото на образование, право кое е заштитено со член 44 од Уставот.

„Со државниот испит, кој предвидува дека доколку студентот не положи двапати, нема право да ги продолжи студиите, на нас студентите ни се ускратува уставно загарантираното право на образование. Понатаму, оваа мерка ја нарушува автономијата на универзитетот, предвидена со член 46 од Уставот. Со тоа што се одзема моќта и се дискредитира способноста на образовните институции сами да утврдат соодветна методологија на оценување, се врши директен упад во автономијата на универзитетот“, пишува во писмото.

Предлогот од министерството за образование и наука предизвика реакции и кај професорите. Така, Огнен Чемерски, асистент на катедрата за преведување од англиски јазик, вели дека екстерното тестирање нема да помогне во оценувањето. Тој се повикува на веќе постоечките механизми и вели дека ваквото оценување не е продуктивно.

„Сметам дека маршот не претставува притисок, туку начин на искажување на мислење кој би бил слушнат. Јас ова не би го нарекол протест, туку почеток на дијалог помеѓу студентите и образовните институции, а секој дијалог постигнува некакво дејство. Ова всушност покажува дека студентите го искажаа својот почеток на дијалог, изјави Чемерски за Радио МОФ.

Професорот Денко Малевски смета дека маршот сериозно ќе влијае врз понатамошните одлуки на Владата со тоа што веќе министерот покажа извесно колебање за начинот на кој ќе се проценува квалитетот на образованието. Според него, Владата треба да се стекне со повеќе искуства.

„Најодговорни се професорите, со тоа што студентот одговара пред професорот, а професорот пред своите колеги и пред општеството. Потребно е професорите да се мотивираат со што би се доближиле до европските стандарди“, изјави Малевски.

Државниот испит или т.н. екстерно тестирање за студентите прв го најави токму министерот Адеми кој изјавуваше дека со оваа нова реформа ќе се следат стандардите на Европската Унија и таа е нешто што веќе се спроведува во повеќе земји. Намерата на екстерното оценување според него е да биде создаден квалитетен кадар, кој ќе биде конкурентен на пазарот на трудот, како и да се добие унифициран систем на студирање како на државните, така и на приватните факултети.

Премиерот Никола Груевски неодамна исто така изјави дека ќе има надворешна проверка на знаењето на студентите и во Владата се разговара за моделот на тестирањето кое е најавено од Министерството за образование и наука.

Откако министерот излезе со предлогот, студентите  решија самостојно да се организираат формирајќи ја автентичната студентска иницијатива „Студентски пленум“, која го организираше вчерашниот студентски марш.

Најавите за една ваква мерка предизвикаа бурни реакции во јавноста при што се огласија и младинските организации и движења.

Студентите кои се дел од иницијативата „Студентски пленум“ се собраа на повеќе состаноци или пленуми на кои дискутираа за реформата и излегоа со став дека државниот испит нема да го подобри квалитетот на високото образование и предложената мерка ја нарушува автономијата и независноста на образовните институции. На пленумите сите присутни можеа да предложат како да се дејствува понатаму, се дискутираше каде студентите да побараат помош и кој е тој кој треба да ги поддржи и да им помогне.

Студентскиот пленум има хоризонтална поставеност и освен студентите од сите факултети ги повика и професорите кои ги поддржуваат студентите да застанат до нив и да им помогнат онака како што можат и умеат. Тие преку донации во кутии собираа и скромни финансиски донации за материјали за протестите.

Пред вчерашниот студентски марш, „Студентски пленум“ правеше и други акции кои ја испратија пораката на студентите дека се против екстерното тестирање. Преку студентска тура на Водно, студентите испратија пораки и до Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со кои ги прозиваа за нивната заспаност во претставувањето на интересите на студентите.

 Емилија Петреска, Кристина Озимец