Адеми: Министерството нема да донесе одлука против редовните и добри студенти

Адеми: Министерството нема да донесе одлука против редовните и добри студенти„Има студенти кои што не ги посетуваат предавањата редовно, а на крај имаат диплома, што не е во ред. Министерството нема да донесе одлука против редовните и добри студенти“, истакна министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми на денешната конференција на тема „екстерното тестирање: предизвиците и можностите“.

Според него, со новата реформа ќе се следат стандардите на Европската Унија и таа е нешто што веќе се спроведува во некои земји.

„Немаме намера да казнуваме или да наградуваме некого. Намерата е да стекнат знаење, а не диплома што нема да може да се искористи при барање работа. Со оваа реформа сакаме да се создаде квалитетен кадар што ќе биде конкурентен на пазарот на трудот. Целта е да се добие унифициран систем на студирање како на државните, така и на приватните факултети“, рече Адеми.

На дебатата присуствуваа и претставници од неколку универзитети во Македонија, од Државниот испитен центар како и претставници од младински организации.

Марија Мирчевска од Младинскиот образовен форум (МОФ) потенцираше дека веќе постојат механизми за проверка на квалитетот на образованието и дека оваа мерка не е во согласност со правото на автономија на образовните институции и со правото на образование на секој студент.

„ Во ова не се вклучени студентите  и тоа ги попречува институциите да ги изберат методите за проверка на знаењето. Сепак, ова е факултативно и студентите трошат свои пари, време и труд“, рече Мирчевска.

Според доц. д-р Агим Нухиу од Државниот универзитет во Тетово, со иницијативата на Министерството ќе се зајакне кредибилитетот и на студентите и на академските работници.

Синоќа, студентите по втор пат се собраа и се изјаснија дека се против екстерното тестирање и најавија собир за в петок, за време на состанокот меѓу Ректоратот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и членовите на Универзитетскиот сенат. Тие ќе бараат на состанокот да се покрене прашањето за екстерното тестирање.

Е. П.