„Еко-свест“ со отворено писмо до институциите бара повлекување на новиот Закон за ловство и дивеч

Еколошката организација „Еко-свест“ бара повлекување на Законот за ловство и дивеч.

„Нејасно е како новиот Закон за ловство и дивеч ќе обезбеди зачувување и опстанок на дивечот, ако во управувањето со овие ловишта се исклучени националните паркови.  Со оглед на тоа дека намената на националните паркови е заштита на еколошките процеси, како и на видовите и еко-системските карактеристики комплементарни на подрачјето, ловишта на нивните површини е несоодветно и треба да биде забрането“, велат оттаму.

Според „Еко-свест“, новиот Закон за ловство и дивеч треба да биде повлечен поради тоа што тој е:

  1. Противуставен бидејќи овозможува одгледување, ловење, заштита и користење на дивечот за стопански цели, со што се губи неговиот статус на општо добро и неговото користење „се приватизира“ како економски ресурс и во функција на развој на ловството и ловечки туризам, кој пак за возврат придонесува кон загрозеноста и исчезнувањето на дивите видови.
  2. Во спротивност со Законот за заштита на природата бидејќи предвидува формирање на ловишта со посебна намена во националните паркови, а притоа во  управувањето со овие ловишта ги исклучува националните паркови што е спротивно на нивниот строго дефиниран статус .
  3. Не ги решава заканите од ловството како дејност и воведува постапки кои создаваат ризик за застрел и нелегална трговија со заштитени видови, значајни видови и видови со трајна забрана за лов.
  4. Донесен е без соодветно учество на јавноста, не беа земени предвид забелешките од граѓанските организации, не беше дадено какво било образложение за потребата од новите решенија од Законот, а беше донесен во скратена постапка како реформски закон и усогласен со директивите на Европската Унија.

Еколошкото здружение за барањето испрати отворено писмо до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата на РСМ и Делегацијата на Европската Унија во кое бара повлекување на Законот за ловство и дивеч. Отвореното писмо со детални образложенија, информираат оттаму, беше испратено до Собранието и Претседателот на РСМ.

Со отвореното писмо, од „Еко-свест“ бараат надлежните министерства да излезат со соопштение до јавноста со кое ќе одговорат на барањата за повлекување на Законот за ловство и дивеч.