Еко-совесни, експериментални и реупотребливи – како пандемијата го одвлече вниманието од „брзата“ мода

Пандемијата допринесе луѓето да размислуваат уште поодржливо. И во глобални рамки кога се зборува за мода и алишта, јавниот разговор е сè повеќе насочен кон „спората“ мода, наместо онаа „брзата“ на која не учеше досегашната „mall“ култура.

Студио „Морско“, „КОИ“ и „Шеќерно Скопје“ се три мали локални брендови и бизниси кои допринесуваат во развивање на една поинаква мода. Поразговараме со нив на неколку теми – што ја поттикнало идејата за развој на мал бизнис, дали пандемијата го упори нивниот развој и која е пораката која сакаат да ја испратат до потрошувачите.

Кога станува збор за тоа дали пандемијата на некој начин го спречила развојот на овие локални брендови, сите тие одговорија дека напротив, пандемијата не само што го инспирирата почетокот на дел од брендовите, туку и наметнатото слободно време било одлично за креативните процеси и креации.

„Пандемијата искрено ни беше поттик да го започнеме брендот. Сите почуствуваме многубројни последици од пандемијата, претежно негативни. Бевме изненадени што познатите брендови храбро продолжија со своето масовно производство на така наречената „брза мода” додека многубројни луѓе ги изгубија своите работни места, вклучувајќи ги и работниците во текстилната индустрија“, нагласуваат од Шеќерно Скопје.

Христина Ѓорѓиевска од „КОИ“ вели дека токму пандемијата и помогнала да го смисли концептот за брендот, бидејќи таа започнала со прибирање на инспирација, материјали и контакти.

„Признавам дека тешко е да се организира се` во вакви услови, меѓутоа со големо трпение и уште поголема желба, и мал ризик, се` е возможно. Гледам материјалите и услугите што ги набавувам гледам добро да ги осмислам додека сум дома, и излегувам само кога имам финална одлука каде ќе одам, и што ќе барам“, вели таа.

Истото го потврдува и Гала Насева од Студио „Морско“.

„Интересно, но и не баш – напротив, пандемијата го поттикна развивањето на овој мал бренд. Пред да започне пандемијата, бев на студии надвор од Македонија и времето го посветував на сосема различни работи – можеби и не сосема, бидејќи дел од студиите се посветени на музиката и перформативните уметности, но сепак, немав многу време за цртање, за жал. Откако се вратив во Скопје повторно почнав да цртам и едноставно решив да го оттргнам фокусот од тешкиот период кој претстоеше и се’ уште претстои пред сите нас“, објаснува таа.

Храбри, слободоумни и еко-совесни лица. Ова е групата за која креира Студио „Морско“.

Сопственичката на Студио „Морско“ – Насева, посочува дека работела на акција за креирање на платнени торби со авторски дизајни заедно со „Daisy family rescue“, со цел да им се помогне на бездомните животни за кои тие се грижат.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Morsko (@studiomorsko)

Групата на девојки кои ја имаат формирано продавницата за винтиџ облека „Шеќерно Скопје“, велат дека брендот го базирале за сите девојки кои се чувствувале исто како нив – креативни и со одбивност кон учеството во индустријата на масовно загадување.

„Брзата мода е потпрена на идејата за постојан новитет, но ние ве прашуваме зошто да потрошите 2.000 денари на новo свилено здолниште од Х бренд која ќе ја носите заедно со стотици исто-мисленици во новата сезона, кога можете да најдете уникатен модел во одлична состојба за 300 денари? Со „Шеќерно Скопје“ целиме да и помогнеме на планетата и на вашиот буџет. Винтаж шопингот е пред се забавно и креативно, како за потрошувачите така и за нас. Забавно е да се учествува на базар со други креативци, и да се комуницира за мода и изразување“, велат од Шеќерно Скопје.

Насева се надоврзува дека токму преку креирање на дизајн за реупотреблив текстил – платнени торби, сака да ги поттикне граѓаните да создадат навики за одржливо живеење.

„Со тоа тие директно би придонеле во намалувањето на создавање на непотребен отпад. Свесна сум дека ова е мала промена, но се надевам дека ќе поттикне одреден процент од населението да проба да мисли и на животната средина наместо слепо да робува на конзумеризмот (дури и во овие добри дела имплицитно наѕира привилегијата, со оглед на тоа што во нашата држава 21,9% од вкупното население живее во тешки услови)“, вели таа.

Христина од „КОИ“ истакнува дека пораката која сака да ја испрати со својот бренд е експериментирањето.

„Да не се срамат сите што сакаат да експериментираат со боја и изгледот. Македонија е конзервативна држава, меѓутоа, нема револуцијa без малце „безредие“. Се` што креирам е unisex, што значи дека моите изработки може да ги носи ама баш било кој, без разлика на полот/родот. Обично гледам величините да се универзални, а материјалите растегливи, за да може да стојат добро на секаков тип на тело. Мислам дека најмногу во моите дизајни се пронаоѓа младата популација, меѓутоа секој што ги сака моите изработки пред се` сакам да ги носи со гордост, така да, no pressure“, вели таа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KOI / КОИ (@brandkoi)

На прашањето за тоа што ги поттикнало девојките да ги основаат своите брендови, сите тргнуваат од идејата да направат поголема општествена промена на свој начин.

А понекогаш, промената започнува и со еден подарок кој ќе ја промени играта…

„Веќе подолго време размислував за создавање на ваков бренд, но секогаш бев зафатена со нешто сосема трето. Сакам да цртам уште од дете, а во последно време почнав и со дигитален дизајн. Сепак, the real game-changer беше еден роденденски подарок – таблет за цртање и можноста да се направи по некое добро дело со креирање и играње со пастелни бои и Adobe четки“, вели Насева.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Morsko (@studiomorsko)

За Ѓорѓиевска, идејата за основање на „КОИ“ била големата желба за мода и дизајн, јапонската „street wear’ култура, но и брендови како Angel Chen, Yohji Yamamoto и Lazy Oaf.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KOI / КОИ (@brandkoi)

„Мислам дека на Македонија и недостасува нова и свежа енергија во духот на модата, бидејќи верувам дека секој сака преку облеката да се искаже најискрено што може“, вели таа.

Идејата за „Шеќерно Скопје“ потекнува од верувањето дека парите не треба да бидат голем фактор во можноста да се изгради сопствен стил.

„Целиме да ја потикнеме идејата за споделување на нашите омилени парчиња облека кои можеби од х причини повеќе не ги носиме и поттаму да ја зајакнеме нашата винтаж заедница. Нашите парчиња облека не познаваат граници, сепак најмногу соработуваме со девојки, кои како нас ја препознаваат вредноста во споделувањето“, велат тие.

Едногласно, сите брендови одговорија дека со потрошувачите ја претпочитаат онлајн комуникацијата.

Христина од „КОИ“ вели дека највеќе користи „Инстаграм“, бидејќи сака да воспостави пријателски однос.

„Да не се чувствуваат како да зборуваат со некој што е над нив, со персирање, туку напротив, сакам да им дадам до знаење дека сепак комуницираат со личност која што својата креативност ја преточува во разновидни продукти и ништо повеќе“, вели таа.

Истото го потврдуваат и девојките од „Шеќерно Скопје“ кои дополнуваат дека комуницираат преку мејл.

„Пандемијата не попречува во остварување на нашиот комуникативен потенцијал, но тоа се нашите услови моментално“, нагласуваат тие.

Мејлот како „old school“ начин на комуникација го користи и Насева, дополнувајќи дека и таа ги користи социјалните мрежи како платформа за комуникација.

„Наскоро, повторно ќе има нови креации со цел да им се помогне на оние на коишто најмногу им е потребен нашиот глас – животните оставени на (не)милоста на суровите сограѓани. Освен за Дејзи, некои од дизајните на Морско можете да ги видите на Хера Млади и Медуза – па оттаму, другата фокус-група се младите борки за женски права и репродуктивна слобода“, нагласува Насева.

И.С.