Еко-активисти во Албанија протестираа против изградба на аеродром во близина на засолниште за птици

Еко-активисти протестираа за време на викендот на местото каде што се гради нов аеродром на југот на Албанија, кој треба да го поттикне туризмот, а за кој активистите велат дека ќе ги загрози засолништата за околу 200 видови птици, вклучително фламинга и пеликани, јавува Ројтерс.

Живописната лагуна Нарта која се наоѓа близу Јадранското море е клучно место за јата птици во нивната годишна миграција меѓу Европа и Африка.

Владата го гради аеродромот на само 5 километри од јадранскиот брег со чисти песочни плажи за кои сиромашната балканска нација се надева дека ќе привлече повеќе странски туристи.

„За оние кои мислат дека овој аеродром ќе донесе развој, во реалноста овој аеродром ќе донесе само уништување“, изјави туристичкиот водич Албен Кола за Ројтерс во саботата додека тој и повеќе од 100 екологисти и орнитолози протестираа.

Европската Унија, во која Албанија има за цел да се приклучи еден ден, соопшти дека проектот е во спротивност со националните и меѓународните закони за заштита на биолошката разновидност.

Комитетот на Бернската конвенција, кој работи на заштита на европскиот див свет и природните живеалишта, рече дека Албанија треба да ја прекине изградбата на аеродромот.

„Ова покажува дека ова природно богатство ни припаѓа не само на нас, туку и на цела Европа и странските влади прават повеќе за да го заштитат отколку ние“, рече Јони Ворпси, од невладината организација Заштита и зачувување на природната средина на Албанија (ППНЕА), која со години се бори да ја заштити лагуната.

Во ноември, суд ја отфрли тужбата поднесена од локални невладини организации против изградбата на аеродромот, но тие планираат да поднесат жалба.

Ворпси рече дека аеродромот, кој ќе му служи на јужниот крајбрежен град Валона, не само што ќе ги уништи живеалиштата на птиците, туку ќе го зголеми ризикот од судир на авиони со големи птици.

Швајцарската фирма што го води проектот „Мабетекс“, рече дека патеките за полетување и слетување на авионите нема да влијаат на рутите на птиците. Се вели дека пистата ќе биде 3.5 километри од засолништето за птици и 5 километри од главните рути за миграција на птиците.