Еко-активисти бараат од премиерот поголем буџет за загадувањето и запирање на рудниците

Повеќе граѓански организации, еколошки иницијативи и активисти, здружени преку О2 Коалиција за чист воздух, доставија барања до премиерот Зоран Заев за редистрибуција на буџетските средства кон зголемена заштита на животната средина, намалување на загадувањето и запирање на рудниците, со обезбедување средства не помалку од 2.5% за животната средина од вкупните расходи за 2018.

Според активистите, причина е предложениот Буџет за 2018. Сметаат дека тој не ја отсликува сериозноста на ситуацијата во поглед на загаденоста и деградацијата на животната средина, но и посветеноста на Владата кон решавање на овој алармантен проблем.

Ако барањата не бидат прифатени, тие како граѓани најавуваат правни чекори и постапки против Република Македонија за кршење на ратификуваните конвенции, Устав, човекови и права на детето.

„Доколку заштитата на животната средина остане маргинализирана, како и досега ќе ја известиме Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите Нации (ОН). Ќе поднесеме жалби до Комитетот за правата на детето и Комитетот за човекови права при Обединетите Нации. Ќе го повикаме Специјалниот известувач за импликациите по човековите права на еколошки здравото управување и депонирањето на опасните супстанции и отпадот и Специјалниот известувач за човекови права и животната средина, при Советот за човекови права на ОН, за утврдување на кршењето на човековите права и животната средина во случајот со рудниците Иловица и Казандол, РЕК Битола, УНЕСКО заштитениот Охрид со Охридското езеро, отворената депонија на згура на Топлиницата во Велес, кршење на правата на децата и аерозгадувањето преку несоодветното распределување на финансиските средства и нерешавање на проблемот на најбрз можен начин, не земајќи го предвид најдобриот интерес на децата, кршење на конвенциите и непочитување на декларациите и резолуциите на ОН во врска со климатските промени, опасниот отпад, загадувањето, биодиверзитетот, одржливиот развој, заштита на животната средина како за сегашните, така и за идните генерации“, велат здружените еколгистите и организации.

Сите конкретни барања на активистите може да се видат ТУКА.

Состанок на здружените активисти со премиерот Заев е закажан за денес во 18:30 часот, во просториите на Владата на Република Македонија.