Една затворска и три условни казни за последната група демонстранти

Една затворска и три условни казни добија демонстрантите од последната група обвинета за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие за време на протестите пред Влада на 5 мај.

На тројца демонстранти кои ја признале вината, Кривичниот суд во Скопје им одреди условнa казнa од три месеци затвор која нема да се изврши доколку во рок од една година не сторат друго кривично дело. Затворска казна од една година доби демонстрантот кој се уште е недостапен за полицијата.

Вчера пак, двајца демонстранти од втората група ја признаа вината и добија условна казна од три месеци затвор, додека судењето за другите двајца демонтранти кои рекоа дека не се се виновни за делото за кои се теретат, ќе продолжи во петок.

Претходно, судот им изрече осум условни казни на дел од демонстрантите меѓу кои беше и вујкото на Мартин Нешковски, кој е осуден на 10 месеци затвор, бидејќи веќе е осудуван за слично дело.

Протестите пред Влада кои завршија со судир меѓу демонстрантите и полицијата се одржаа откако опозициската партија СДСМ објави „бомби“ за случајот Мартин Нешковски со кои обвини на релативизирање на случајот од страна на владини функционери.