Осум условни и една затворска казна за демонстрантите од 5 мај

Осум условни казни им изрече судот на дел од демонстрантите кои беа притворени по антивладините протести од 5 мај, додека еден од демонстрантите, вујкото на убиениот Мартин Нешковски, е осуден на 10 месеци затвор, бидејќи претходно е осудуван за слично дело.

Условните казни траат три месеци и нема да се извршат доколку обвинетите не сторат кривично дело во рок од една година. Судот целосно им го укина притворот на сите демонстранти, со тоа што еден од нив има обврска да се јавува двапати месечно во судот.

Демонстрантите претходно ја признаа вината за делото „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“. За ова дело казната затвор се движи од три месеци до три години.

Вчера Скопскиот Основен суд им го продолжи притворот за уште 30 дена на други четворица учесници во протестите од 5 мај пред Влада. Останатите групи демонстранти кои беа приведени по протестите на 5 мај, ќе бидат изнесени пред судот на 2 и 3 јуни.