ДЗР: Издавањето на Б-интегрирани еколошки дозволи не овозможува целосна контрола над загадувањето

Мерките и активностите преземени од надлежните институции за издавање на Б-интегрирани еколошки дозволи не се доволно ефективни за воспоставување на интегриран систем за спречување и контрола на загадувањето од индустриските активности и целосно почитување на начелата за животната средина, вели новиот извештајот Државниот завод за ревизија.

Ревизорот главно го опфатил периодот од 2017-2019 година, кога се наплатени надоместоци од компаниите со Б-дозволи во износ од 7,4 милиони денари.

„Кај сите субјекти ревизорите утврдиле различно толкување и начин на примена на подзаконските акти, што се одразува на точното и воедначено пресметување на надоместокот. Различниот начин на пресметување на надоместокот, доведува до нееднаков третман на операторите на инсталации кои се должни истиот да го плаќаат, а истовремено влијае на неправилно и нецелосно почитување на начелото ‘загадувачот плаќа’“, се вели во ревизијата

Кај поголем дел од субјектите, вели Ревизорот, не е воспоставена сметководствена евиденција на побарувања од операторите на инсталации, што не овозможува нивно следење и редовна наплата.

„Отсуството на соодветна евиденција не овозможува во случај на ненаплатени побарувања навремено опоменување или одземање на дозволата“.

Во ревизорскиот извештај се наведува дека, Министерството за животна средина и просторно планирање и дел од општините имаат воспоставено режим на издавање интегрирани еколошки дозволи, но недостасува интегриран систем и контролен механизам кој во целост ќе ги опфати индустриските инсталации кои со своите активности емитуваат штетни материи во животната средина.

„Иако е познат вкупниот бројот на активни деловни субјекти распределени во сектори на дејност (75.914 субјекти) согласно Националната класификација на дејностите, не е познат бројот на деловни субјекти кои вршат активности за кои е потребно да поседуваат Б-Интегрирана еколошка дозвола (Б-ИЕД). Дополнително, дел од инсталациите кои поседуваат дозволи за усогласување со оперативен план (ДУОП) нецелосно го запазиле или пак не го испочитувале законскиот рок за обезбедување на Б-ИЕД, што им овозможува да продолжат со активностите кои имаат неповолно влијание врз квалитетот на животната средина“, стои во ревизијата.

Понатаму, Ревизорот потенцира дека индустриските инсталации кои работат без интегрирани еколошки дозволи (ИЕД) не овозможуваат да се контролира целокупното загадување, кое тие го предизвикуваат и постои ризик преку своите активности да ги надминуваат определените дозволени гранични вредности на загадувачки супстанции што предизвикуваат штетни последици за животната средина, живото и здравјето на луѓето.

„Една од причините за утврдените слабости во начинот на издавање на Б-ИЕД е недоволната кадровска екипираност во општините и инспекциските служби, како и недостатокот на обуки и конкретни насоки за постапување во областа.  Со оглед на тоа дека интегрирано спречување и контрола на загадувањето на животната средина е комплексна област која бара значителни стручни познавања, разликите во содржината на дозволите, најчесто се заради различните видувања, стручни знаења, искуства и обученост на вработените лица чии работни активности се непосредно поврзани во издавањето на дозволите“, забележува Ревизорот.

Според ДЗР, ваквиот начин на постапување предизвикува не воедначен пристап при издавањето на дозволите и претставува ризик од постоење на субјективизам при дефинирање на нивната содржина, што истовремено неповолно се одразува при вршењето на мониторингот и надзорот над инсталацијата, како и при пресметката на надоместоците кои операторите на инсталациите треба да ги плаќаат.

Со извршената ревизија, во областа мониторинг, надзор и известување , ревизорите утврдиле дека надлежните институции не донеле Стратегија за мониторинг на животната средина и Програма за мониторинг на животната средина, кои се значајни за дефинирање на насоките за воспоставување на систематско набљудување, испитување и оценување на загадувањето и состојбата, како и регистрирање и идентификување на изворите на загадување на медиумите и областите на животната средина.

Во извештајот се наведува дека недоволната застапеност на надзорните активности од надлежните институции влијае на ненавремено откривање, спречување и контрола на загадувањето на животната средина предизвикано од индустриските инсталации.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираа дека во рамките на проектот „Развој на мониторинг и информативен систем за животна средина“ предвидено е да се донесе стратегија за мониторинг на животната средина.

Повеќе за темата во истражувањето што го правеше Радио МОФ во 2019 година:

Радио МОФ истражува: Начелото ,,Загадувачот плаќа” го снемува во скопскиот индустриски смог