Побарувањата за дадени аванси за лекување во странство нецелосно се евидентирани и не се воспоставени контроли на фактурите од странските болници, што резултирало со тужбени барања од странска болница. Ова е само една од утврдените неправилности која ја нотирале државните ревизори во последниот извештај кој се однесува на финансиските извештаи на Фондот за здравствено осигурување, пренесува агенцијата Мета.
„Во постапката за упатување за лекување во странство на осигурените лица постојат слабости и неправилности, при што не е обезбедена соодветна правна заштита на барателите и не е воспоставена контрола и систем на следење на успешноста на лекувањето во странство. Постојат слабости во функционирањето на ИТ системот на Фондот поради отсуство на ИТ стратегија и недостиг на ИТ кадар, што резултирало со сајбер напад на ИТ системот на Фондот. Контролните активности за вршењето на здравствените услуги во здравствените установи не се соодветно воспоставени или спроведени, поради што не е обезбедено целосно потврдување на фактурите за извршени здравствени услуги“, пишува во извештајот.
Освен тоа, ревизорите утврдиле и ненавремено постапување по доставените извештаи од спроведените контроли каде се констатирани неправилности и наплата на договорните казни, како и слабости во контролите при потврдувањето на реалноста и објективноста на фактурираните лекови и забавена динамика за поврат на повеќе исплатените рецепти.
„Во насока на надминување на констатираните состојби ревизијата даде препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите. Отсуствуваат целосни информации за побарувањата по основ на неплатен придонес за здравствено осигурување. Наплатата на побарувањата по основ на неплатен придонес за здравствено осигурување кои настанале до крајот на 2008 година е неизвесна. Фондот се јавува како тужена страна и како тужител во повеќе судски постапки, чиј исход е неизвесен и постои можност од дополнително оптоварување на буџетот на Фондот. Референтните цени на здравствените услуги на товар на Фондот не се ажурирани и не ги одразуваат реалните трошоци. Придонесот за задолжително здравствено осигурување за граѓаните кои не се здравствено осигурени по ниеден основ не е целосно исплатен од страна на Министерството за здравство, што влијае на финансиската состојба на Фондот“, се наведува во извештајот.