Две кривични пријави за ширење говор на омраза на Мечкин Камен

Полицијата поднесе кривични пријави против двајца битолчани и уште неколкумина непознати лица кои на Мечкин Камен со скандирања ширеа говор на омраза.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп до Основното јавно обвинителство Прилеп, поднесе кривична пријава против битолчаните М.Д. (24) и Ѓ.Д. (19) поради постоење основи на сомнeние за сторено кривично дело „предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“.

Како што се наведува во соопштението од МВР, а во врска со настаните во Крушево на 2 август, во полициска станица се повикани повеќе лица и по документирањето на случаите и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Инцидент на прославата на Мечкин Камен, навивачи со пластични шишиња и пцовки кон владината делегација

„На 02.08.2018 година околу 13.00 часот на местото ,,Мечкин Камен“ во Крушево, каде се одржуваше манифестација по повод прослава на националниот празник „Илинден“, пријавените лица организирано присуствувале на прославата како дел од група составена од навивачи од повеќе навивачки групи. За време на положувањето на цвеќе од страна на присутните делегации провопријавениот М.Д., второпријавениот Ѓ.Д. и други лица, стоејќи во непосредна близина до ВИП ложата, спроти бината каде се одржувала манифестацијата, скандирале навредливи пораки со што сториле кривично дело „предизвикување омраза, раздор, или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, се наведува во соопштението.