Државните јасли ги отворија вратите – масовни огласи за вработување

Советници, раководители, референти, виши и помлади соработници – во овој период се спроведуваа стотици вработувања во централната и локалната власт, во јавни претпријатија и агенции. Дел од огласите за вработување се затворени и завршени, за еден дел постапката сеуште е во тек. Во исто време, се спроведуваат и вработувања по рамковен договор.

 Државните јасли ги отворија вратите: масовни огласи за вработување!

За неколку месеци, или во февруари, стапува на сила новиот Закон за администрација со кој се заоструваат критериумите за вработување во државната и јавната служба. Експертите сметаат дека сегашните вработувања се поврзани токму со овој закон. Зошто?

Етнички, партиски или реални вработувања?

Ново кадровско полнење на државните јасли се спроведува во неколку министерства: за труд и социјална политика, за финанасии, за образование. Во исто време оглас за вработување на 113 лица беше објавен и за позиции директно во Владата, потоа 180 вработувања во Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор.

Според дел од експертите, овој “бран“ вработувања се поврзува со новиот Закон за администрација кој треба да стапи на сила во февруар догодина, а со кој се заоструваат критериумите за вработување.

„Овие вработувања според мене сега се спроведуваат во еден вакум простор, пред да стапи на сила новиот Закон за администрација со кој значајно се заоструваат критериумите за вработување во државна или јана служба. Сега сметам дека се вработуваат заслужни партиски војници, зошто во февруари се очекува да стапи на сила новиот закон кој ќе ги обврзе да полагаат пет, шест испити. Тука се и рамковните вработувања, кои исто така се спроведуваат во овој вакум простор“ – вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.

Овие вработувања би требало да го почекаат новиот Закон за администрација, кој ќе значи поголем филтер за влез на квалитетен кадар, смета професорката Шенај Хаџимустафа.

„Ако Владата брза да реализира што повеќе вработувања пред да стапи на сила новиот Закон за администрација, тогаш сметам дека на ваков начин нема да се обезбедат квалитетни вработувања, туку само кванититативно полнење на администарцијата. Јасно е дека со новиот закон, кој беше донесен и усвоен по сугестија на Европската Унија, треба да се постават повисоки и построги критериуми за вработување“ – вели професорката Хаџимустафа.

Огласи за нови вработувања нема само на централно ниво, туку и во општините. Така, општина Гостивар ги отвори вратите за најмногу вработувања. Еве дел од институциите, министерствата, агенциите и општините кои објавија огласи за вработување. .

-Влада на РМ – 113 вработени

-Секретаријат за Рамковен договор – 150 вработени

-Министерство за финанасии – 38 вработени

-Министерство за труд и соц.работа – 2 вработени

-Министерството за земјоделство – 11 вработени

-Министерството за образование – 2 вработени

-Министерство за локалан самоуправа – 1 вработен

-Агенција за финансиска подршка на земјоделство – 13 вработени

-Јавно претпријатие за државни патишта – 5 вработени

-Општина Гостивар -16 вработени

Минатата недела Агенцијата за администрација ја посетија околу 5 000 кандидати од кои треба да се селектираат 180 – по основ на етнички клуч. Токму начинот на кој се реализираат овие вработувања е нотиран во извештаите на ЕУ за напредокот на Македонија, со забелешка дека, генерално админстрацијата во земјава треба да се ослободи од политичка и партиска обоеност. Според забелешките продолжува трендот на ангажирање вработени на квантитативна база, без да се земат предвид реалните потреби на институциите, додека повеќето од оние што биле ангажирани не стигнале до институциите во кои се вработени, а веќе земаат плата од Секретаријатот.

Таков став имаат и експертите.

„Рамковните вработувања, вака како што се реализираат се сведуваат само на трошење буџетски пари. Каде е ефектот од овие вработувања, во смисла на квалитетна и ефикасна услуга од администрацијата? Таков позитивен ефект нема. Генерално, за жал вработувања во администрацијата се начин за купување на партиски гласачи на терет на сите граѓани и оваа состојба се провлекува повеќе години“- вели професорката Хаџимустафа.

Администрацијата и натаму останува најпосакувана работа. Неодамнешното истражување на Заводот за статистика покажа дека скоро 11 отсто од вработени се државни службеници, функционери и чиновници, односно повеќе од 35 илјади луѓе се членови на законодавни извршни тела, државни функционери, раководители, дипломати и директори.

Какви плати ќе добиваат тазе-вработените…

Според податоците од огласите за вработување, платата на новите административци нема да биде пониска од 200 евра, или 12 656 денари, која се нуди за позција на помлад референт во Министерство за земјоделство, на пример.

Повисоки плати се нудат за советнички позиции во Владата и во Министерството за финанасии. Така, во зависност од позицијата, најниската плата од 20 170 денари, Министерството за финансии ја нуди за државен службеник од рангот помлад соработник, а највисоката – 58.087 денари за позицијата Раководител на сектор за финансиска инспекција во јавниот сектор – Главен инспектор.

Министерство за труд и социјална работа на двајцата помлади соработници им нуди плата од 20 170 денари а нешто повисоки плати нуди Министерството за образование кое помлад соработник ќе го плаќа со 21 170 денари.

Министерството за земјоделство нуди најниска плата од 12 656 денари, а највисока до 22 352денари.

Агенција за финансиска подршка на земјоделство која вработува 13 раководители на сектор, советници за контрола, помлади соработници нуди плати од 20 190 до, највисока која изнесува 34 илјади денари.

На локално ниво, советници и виши соработници во различни сектори се бараат во општините Долнени, Прилеп, Шуто Оризари, Гостивар.. Платите што се нудат се од 16.000 до околу 25 илјади, во зависност од позицијата.

Економијата треба да се потпира на нови вработувања во приватниот сектор а не во државната служба – децидна е професорката Шенај Хаџимустафа.

„Наместо да го зголемуваме бројот на вработени во администрацијата, политиките треба да се насочат кон создавање на клима за повеќе вработувања во приватниот сектор, кој е носечки за вкупната економија. Ние сме сведоци дека и Европската Унија постојано упатува на проблемите во администрацијата и тие критики се многу негативни за земјава“ – оценува професорката Хаџимустафа,

Според податоците од Заводот за статистика, според професијата, односно занимањето, најдобро платени се функционерите, директорите, стручњаците и научниците. Така, од вкупниот број или 35 илјади членови на законодавни тела, функционери, директори, дипломати, скоро 10 700 месечно заработуваат од 20 илјади до повеќе од 40 илјади денари. Истата сума ја заработуваат повеќе од половина од научниците и стручњаците, односно скоро 50 илјади лица. Од друга страна најголем дел од вработените со елементарните занимања, ракувачите со машини, техничарите, земаат плати пониски од 16 000 денари.

Извор: Порталб