Допрва ќе се утврдува буџет за справување со климатските промени – во изработка е Закон за климатска акција

Пред три дена, со марш од Министерството за животна средна до Влада, младите активисти на „Fridays for future“ за последен пат годинава побараа засилена климатска акција и почиста животна средина.

„Не се откажуваме бидејќи се работи за нашата и вашата иднина“, порачаа тие.

Дел од нивните пораки на маршот се совпаднаа и со оние од 25-тата Конференција на Обединетите Нации за климатски промени, која годинава се одржа во Мадрид.

Климатските политики да ја следат науката – гласи најсилната препорака што дојде оттаму. Сепак, за Елена Николовска од невладината „Еко свест“, конференцијата повеќе донесе разочарување, отколку исполнети очекувања.

Наместо да се дефинираат клучни членови од Парискиот климатски договор, државите ја пропуштија шансата да донесат конечни одлуки за најважните теми. За тоа, смета Николовска, се виновни земјите како САД, Австралија, Канада, Бразил кои ги блокирале преговорите.

„Сите земји, вклучително и нашата, треба да ги засилат своите напори кон намалување на емисиите на стакленички гасови и тоа што побрзо. Меѓутоа, во исто време значи дека ќе треба да се обезбедат финансиски средства за подобрување на ситемите за следење и предвидување на временските услови како би се заштитиле граѓаните и земјоделските посеви од жртви и материјални штети“, додава Николовска.

Но, од Министерството за животна средина за Радио МОФ велат дека допрва ќе се утврдува буџетот кој ќе се троши исклучиво за активности и планови за справување со климатските промени.

„За сеопфатен одговор на ова прашање потребно е усвојување на методологија и критериуми за истото (кои се во фаза на изработка), бидејќи станува збор за хоризонтално прашање кое треба да се стави во контекст на секторските буџети (во секторите енергетика, транспорт, здравство, земјоделие итн), како и нивно натамошно усвојување од страна на Владата на РСМ, на предлог на МЖСПП и Министерството за финансии“, велат од Секторот за климатски промени при ресорното министерство.

Се чека на Законот и стратегијата за климатска акција

Иако земјата на хартија покажува напредок во исполнување на Парискиот климатски договор и барањата на Европската Унија, се уште недостига меѓусекторска соработка кај останатите институции, надвор од Министерството за животна средина, смета Николовска.

„Климатските промени се уште не се сфаќаат доволно сериозно од Владата, Собранието и институциите“, забележува таа.

Од Министерството, пак, напоменаа дека во тек е изработка на Закон за климатска акција, кој како што уверуваат, ќе ги допрецизира одговорностите и начините на меѓусекторската соработка.

„Потребно е лоцирање на одговорни сектори/лица во самите акти на систематизација во институциите, кое е препорака и во Извештајот за перформансите во животната средина на UNECE. Дополнително, усвоени се повеќе заклучоци на Влади за формирање и работа на повеќе структурни формации (Национален Комитет за климатски промени, Национален совет за одржлив развој итн), како и вообичаена меѓуресорска соработка и координација како дел од пропишаните постапки за предлагање и усвојување на законски и стратешки документи“, стои во одговорот на Министерството.

И Николовска и Министерството се согласуваат дека е потребен поамбициозен и ревидиран национален придонес кон Договорот од Париз, кој ќе се базира на научни анализи.

„Ревизијата на националните придонеси кон климатските промени мора да покаже зголемено ниво на амбиција и иновација, меѓутоа и изработка на национална стратегија за праведна транзиција како заложбите за клима би станале спроведливи, а не само слово на хартија. 2020 мора да произведе план за регионите на јаглен, меѓутоа и за оние сектори кои се погодени од климата како туризамот и земјоделието“, смета Николовска од „Еко свест“.

Покрај законот, се работи и на новиот двегодишен извештај за климатските промени и Инвентарот за стакленички гасови, чиј последен извештај се однесува за 2014 година.

„Изработката на инвентарот на стакленички гасови за периодот до 2016 ќе биде готов до јануари 2020. Во текот на 2020 ќе започне и изработката на инвентарите до 2018. Известувањето оди до n-2 години за развиените и Европските држави кое претставува и наша тенденција. Во моментов, барањата за известување се врзани со изработката на двогодишните извештаи за климатски промени“, појаснуваат од Министерството.

Покрај ова, најавуваат зголемена транспарентност и повеќе интегрирани климатски и енергетски планови.

Да се вратиме на науката

Главната порака од Конференцијата за климатски промени во Мадрид беше јасна – мора да се инвестира во научни истражувања. Сепак, државниот буџет покажа сосема спротивни интереси – се крати, наместо да се вложува.

„Потребно е вложување на повеќе средства во науката, ни треба инвентаризација на шуми заедно со проценка на екосистемските услуги, подобрување на метеоролошките станици и софтвер и уште многу други приоритетни области кои не можат да се потпираат на деск истражување“, посочи Николовска.

Македонските научници во неколку прилики нагласија дека недостасуваат средства за сеопфатни анализи и истражувања кои ќе им овозможат да ја разберат реалната ситуација. Се жалат на неажурирани климатски сценарија, кои пак не им дозволуваат понатаму да предложат соодвени мерки и упатства што да се преземе за земјата да се адаптира на климатските промени и да ги намали влијанијата.

Македонските научници нагаѓаат што нè очекува со климатските промени бидејќи државата не дава пари за истражувања

Емилија Петреска