Македонските научници нагаѓаат што нè очекува со климатските промени бидејќи државата не дава пари за истражувања

Македонските научници не знаат што точно се случува со климата во земјава. Климатските сценарија за Македонија не се ажурирани, ниту детално разгледани од експерти кои ќе проверат дали е вистина она што е предвидено со нив, па соодветно да ги коригираат. Во меѓувреме, тие се принудени да преземаат податоци од странски анализи бидејќи државата не вложува средства за поголемо национално истражување. Ова, пак, оневозможува да се дадат соодвени мерки и упатства што да се преземе за да се адаптираме на климатските промени и да ги намалиме влијанијата. 

Појава на комарци во ноември, зголемено аерозагадување, труење со храна, недостиг на вода… се само дел од последиците кои директно или индиректно (ќе) произлегуваат од климатските промени. Но, вчерашната дискусија на Институтот за комуникациски студии на тема „Како да се ублажат климатските промени“ се претвори во дискусија за недостигот на јавни податоци, потребата од нови домашни истражувања и апел до државата да вложува повеќе во секторот наука.

Професорот Ивица Милевски од Институтот по географија забележа дека одредени македонски сценарија за климатски промени се направени во 2006 година и оттогаш не се проверени информациите во нив.

„Ако земеме да ги анализираме податоците за Македонија за последните 70 години, ќе видиме дека не е баш така како што пишува во сценаријата, туку дека постои изразена регионална нерамномерност во поглед на климатските фактори. На пример, ако ги погледнеме Делчево и Берово и трендот на температурите, ќе видиме дека релативно е воедначен, за разлика од Кочани и Штип каде има баш изразен тренд на зголемување на температурите“, посочи професорот Милевски.

Па така, во Делчево и Берово во изминативе 70 години има пораст од 0,2 степени Целзиусови, додека во Штип и Кочани зголемувањето е повеќе од 1 степен Целзиусов. Ова значи дека ефектите од климатските промени нема да бидат исти во овие градови.

„Втора грешка – сценариото вели дека врнежите ќе се намалат за барем минимум 30-50 проценти. Досегашните анализи, со оние податоци со кои ние располагаме не укажуваат на такво нешто. Напротив, укажуваат дека врнежите се зголемуваат, но кој е проблемот? Проблемот е што има изразена аномалија и екстремни врнежни или сушни периоди, што е уште полошо“, истакна Милевски.

Овој тренд, професорот го поврзи со зголемувањето на температурите во регионите на Јадранското и Егејското море, каде се зголемува испарувањето, а со тоа и врнежите. Според Смилевски, екстремните врнежи и суши не се далечни и за Македонија. Потсети дека годинава земјава имаше долг сушен период што индиректно предизвика почеста појава на пожари и намалување на продуктивноста.

„Огромен проблем е што немаме финансирање на истражување. Ниту пак, имаме достапни информации од Управата за хидрометеоролошки работи, кои треба да бидат јавни податоци, за да може да направиме добра анализа да видиме каков  е навистина трендот на климата кај нас“, реагира професорот.

Истото го нагласи и проф. д-р Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје, кој се осврна на влијанијата на климатските промени врз здравјето на граѓаните.

„Жал ми е што не гледам политичари тука, одлучувачите кои треба да чујат што ние зборуваме“ – со овие зборови професорот го започна своето излагање.

„Не е првпат да присуствуваме на настани каде што одлични дискусии се водат, има и добри предлози, се презентираат, меѓутоа никаква имплементација“, додаде тој.

Ѓоргев забележа дека изминативе години се зголемуваат случаите на заразни болести, алергии, респираторни и кардиоваскуларни болести. За време на топлотните бранови, пак, со секој зголемен степен, за 4-5 отсто се зголемува смртноста. Покрај ова, од 5 до 10 отсто се зголемил бројот на случаи со бактеријата салмонела, која најчесто се добива преку труење со храна.

Она што здравствениот сектор може да направи за да допринесе во ублажување на последиците , посочи Ѓоргев се превенција и постоење на мрежа од институции.

„Ние имаме проформа програма за јавно здравје, но во суштина недоволно финансирана, со слаби индикатори“, прокоментира тој.

И според него истражувањата се клучни, бидејќи како што рече – само така ќе се дознаат ризиците и ќе може земјата да се справи со нив.

„Колку нашите болници се спремни да реагираат при климатски екстреми? И тоа како не се спремни. Ако се случи климатска хаварија, прашање е како ќе функционира болничкиот систем… Срамежливо слушнавме дека неколку болници станаа енергетски ефикасни и тука застанавме. Треба и самиот здравствен сектор, кој е голем економски субјект да се ориентира кон декарбонизација“, истакна Ѓоргев.

Штедење на вода и правилно менаџирање со шумите

Земјоделските површини се соочуваат со други закани од климатските промени – најмногу со недостиг на вода. Според Вјекослав Танасковиќ, декан на Земјоделскиот факултет, решение е штедење на водата и пренамена за друга површина или за друг сектор каде е неопходна.

Најранливи зони во нашата држава од климатските промени се Повардарието, поточно виновата лоза, како и југоисточниот дел и скопско-кумановскиот регон. Но, климатските промени може да влијаат и во губење на органската материја во почвата, зголемување на цените на производите, зголемен увоз и појава на штетници.

„На светско ниво, 70-80 отсо се троши на земјоделски површини, 13 отсто за домаќинствата и 8 за индустријата. Само 45 отсто од таа што е за земјделието се користи ефикасно“, нагласи Танасковиќ.

Од друга страна, шумарството е еден од секторите кој најмногу влијае врз климатските промени и загадувањето на градот, но е најпотценет, вели Љупчо Несторовски од Шумарски факултет.

„Ние како шумарство сектор сме на буквата на ш, секога последни во азбуката – како која влада ќе дојде, ќе почне од а, б, в.. ќе дојде до некоја буква, па ќе се смени таа влада, ќе дојде друга и пак од а, б, в… и никако да стигне до ш за да можеме да си ги кажеме проблемите и да кажеме што се ни е потребно и со што придонесуваме во подобрувањето на условите за животната средина“, се пожали Несторовски.

Според Државен завод за статистика, државата располага со над 1 милион хектари шума, или 37-42 отсто од вкупната територија. Деведесет отсто од шумите се во државна сопственост, а 10 во приватна. Најголемиот дел, 70 отсто е нискостеблеста, односно со способност сама да се регенира, но со слаб квалитет.

„Од една страна е добро, од друга страна е лошо. Добро е затоа што имаме еден доминантен сопственик кој може да планира и да реализира активности во 90 отсто од површината. Негативно е што организациски тоа е многу лошо поставено и многу лошо функционира“, посочи Несторовски.

И тој побара поголеми вложувања во технички познавања, експертизи, адекватна законска и политичка рамка, како и одговорни институции кои навремено ќе ги поддржат и препознаат овие проблеми.

Природа во градот – како пејзажната архитектура може во борбата против климатските промени?

Стефанка Хаџи Пецова од Земјоделскиот факултет изминативе 40 години е посветена на пејзажната архитектура. За многумина оваа наука означува нешто што треба да го разубави амбиентот во кој населението се движи и живее, но тоа претставува комплексна дисциплина која преку отворените зелени простори ќе му дозволи на градот да „дише“.

Хаџи Пецова покажа пред присутните две фотографии – една од како што ја нарече „најгрдиот дел од Дебар маало“, а другата од Градски парк, по што ја праша публиката:„Каде и како би сакале да живееме? Каде ги истуривме нашите пари?“

„Една од битните цели е да ја воведе природата во градот и ние сме сведоци дека тоа е навистина многу тешко затоа што и од она малку што го имаме во градот, со затворени очи го уништуваме“, посочи таа.

Во урбанистичкото планирање, вели таа, важна е зелената инфраструктура која треба да обезбеди јавен зелен простор во градот и поврзување со природните ситеми надвор од градот.

„Навистина, во политиката на креирање на развојот на градовите тоа воопшто не е ниту лесно, ниту едноставно. Гледаме колку конфликтни ситуации се создаваат, секој втор ден слушаме за драматична приказна и ситуација. Но, доколку барем имаме претстава што може да не очекува и кои се тие земјишта што се под ризик, за очекување е дека ќе бидат наменети за јавни зелени отворени простори затоа што ќе бидат побезбедни отколку ако се изградени“, рече Хаџи Пецова.

Друг аспект на кој треба да се внимава, смета професорката, е видот растенија кои се насадуваат низ јавните градски средини.

„Зошто? Затоа што Скопје останува град без тротоари, без дрвја, булеварите остануваат без сенка, затоа што плоштадчињата даваат монотона слика, па според тоа треба добро да се размисли“, апелираше таа.

Сепак, со новиот предлог-буџет за 2020 повторно има кратење на средства за науката. Се предвидуваат 5,6 милиони евра, што е за преку еден милион евра помалку од годинава.

Емилија Петреска