„Среќни празници и многу почиста 2020 година“ – нов марш за воздух

Активисти на „Fridays for future“ и граѓани, и овој петок излегоа на марш за да побараат чист воздух.

Скандирајќи „Доста беа лаги“, „Нема воздух, нема мир“ и „Сакаме да дишеме“, третиот марш организиран од коалицијата „Зелен фронт“, започна од Министерството за животна средина и просторно планирање, а заврши пред Влада. Со него тие посакаа почиста година.

„Јас сум на сите протести овде, трет пат. Првите два беа апсолутно повеќе организирани, многу повеќе имаше народ, поддржан од повеќе невладини коишто вечерва не ги гледам за жал, ниту еден. Не знам од кои причини, но навистина би било жално ако ова прекине, заради тоа што, не знам, не сакам да помислам дека е од притисоци, но апсолутно јасна е ситуацијата дека ова треба сериозно да има еден фидбек нормален со 0 % загаденост“, изјави професорката Јана Манева Чупоска, која на маршот беше со своите деца.

„Многу е битно да продолжиме да го изразуваме нашето незадоволство и да ги искористиме сите демократски алатки“, порача младиот Горјан Јовановски, автор на апликацијата „Мој воздух“ за време на својот говор пред Влада.

„Навистина се надевам дека ќе продожиме со овие протести бидејќи прашањето е за одржливост за живот. Среќни празници и многу почиста 2020 година“, посака тој.

Тие најавија дека протестите ќе продолжат и во 2020-та, додека не се исполнат нивните барања.

„Не се откажуваме од нив бидејќи се работи за нашата и вашата иднина“, истакнаа активистите на Fridays for future.

Наместо бојкот на наставата, учениците овој петок симболично протестираа на последниот час од првата смена, а во втората се приклучија директно на маршот. Со него се приклучија на глобалните протести на движењето Fridays for future.

М.К.