„Допирот има меморија“ – изложба наменета за лицата со оштетен вид

Уникатен спој на сликарството и на македонската поезија носи изложбата „Допирот има меморија“, која ќе биде отворена во вторник, 7 јуни од 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ). Преку изложбата, уметницата Ѓоргина Спасевска ќе им овозможи на лицата со оштетен вид да ја искусат ликовната уметност на едно сосема поинакво ниво.

Од МКЦ информираат дека ќе бидат презентирани уметнички дела создадени без визуелни граници, со можност преку брајовото писмо, лицата со оштетен вид да ја доживеат уметноста на поинаков, единствен и моќен начин.

„Со допирање на површината на платното ќе се откријат зборови, цитати од македонската поезија, кои ќе ја направат конекцијата меѓу зборот и сликата, делото и замислата. Дополнително, некои од делата ќе бидат покриени со тенок слој јаглен, со што со секој допир, луѓето ќе учествуваат во континуираното создавање на уметничките дела“, велат од МКЦ.

Сликите се изработени во техника акрил на платно, а проектот е поддржан од ЕУ делегацијата во Скопје, како дел од програмата „Проект  – ЕУ со тебе 2021“.

Спасевска со создавање на уметност се занимава повеќе од 20 години, од кои последните неколку години и професионално. Учествувала на повеќе уметнички настани и изложби, како дел од иницијативата „Донирај уметност“, каде што беа донирани збирки од повеќе од 70 уметнички дела од Македонија до Грција како солидарност по пожарите во Грција, 2018 година; Саемот за уметност In Situ – Саем во МКЦ Скопје, 2019 година; настанот „Запознај го уметникот“ со изведба во живо – создавање уметност, Скопје, 2019 година; дел од групната изложба „Будење“,  ноември 2021 година, а авторка е и на две самостојни изложби – едната како дел од настанот Skopje Design Week во Јавна соба, Скопје 2018 година и самостојната изложба „Femme“, март 2019 година.