Домашни автори и илустратори во фокус на седмото издание на фестивалот „Литера“

Седмото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, кој оваа година го става фокусот на домашната уметност – автори и илустратори што оставаат силен белег во современата детска литература, почнува утре, 23 април, во 19 и 30 часот во Сули ан во Стара скопска чаршија.

„Фестивалот ќе се отвори со две изложби – ретроспективна поставка со илустрации на доајенот на македонската илустрација Ордан Манески и изложба на три авторки што внесуваат свеж визуелен и наративен израз: Иванка Ниба, Анастасија Јованова и Софија Семенпеева“, се вели во најавата.

Изложбите ќе бидат поставени на самиот почеток на фестивалот, и ќе траат до 30 април.

Иванка Ниба, со две децении искуство како графички дизајнер и активна илустраторка од 2018 година, се претставува со дело издадено од издавачката куќа „Светулка“, а промоцијата на новата сликовница „Црното Маче“ од авторот Неше Рамовиќ и илустраторот Наталиа Лукомска ќе се одржи на последниот фестивалски ден (25 април) во 18 часот.

Анастасија Јованова, дипломиран графичар и графички дизајнер, преку своите илустрации истражува современи уметнички пристапи за деца. Додека пак промоцијата на сликовницата „Сакам силно да ме гушнеш“, од авторката Катерина Димова ќе се одржи во четврток (24 април) со почеток од 18 часот.

Софија Семенпеева е основач и креативна директорка на агенцијата „Ефектива“. Во своето професионално работење ги испреплетува уметноста, визуелната комуникација и маркетингот. Зад себе има шест самостојни изложби и значајни меѓународни награди. Илустрацијата е дел од нејзиниот творечки опус уште од студентските денови. Како што информираат од фестивалот, Софија е иницијаторка и дел од тимот што го организира „Литера“, а во рамки на фестивалот ќе одржи работилници за илустрација.

Фестивалот е бесплатен и отворен за сите љубители на детската литература и илустрација.

Партнер на фестивалот е Халкбанк АД Скопје. Долгогодишни соработници се Органик Нар и печатница Софија Богданци. Покровител на настанот е Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.