Дивиот свет под закана поради сушата на реките

Еколошките групи велат дека продолжениот сушен период сериозно влијае врз дивиот свет што живее во реките. Реките веќе се изложени на загадување и сѐ повеќе се користат за вода за пиење, а моменталната состојба со пресушувањето претставува дополнителен ризик, пишува „Би-Би-Си“.

Според „Риверс траст“, еколошка организација за заштита на реките во Англија и Ирска, кредестите потоци во кои живеат лососот, речните рибарчиња и видрите се под особена закана. Во моментов во светот постојат само околу 200 кредести потоци, од кои 85% се наоѓаат во јужниот и источниот дел на Англија.

„Ова е нашиот корален гребен или нашата Амазонска прашума, ова е уникатен придонес за дивиот свет и биодиверзитеот на глобално ниво“, велат од „Риверс траст“.

Оттаму апелираат дека дел од помалите кредести потоци веќе почнале да се сушат, додека поголемите реки имаат слаб проток.

„Дивиот свет овде веќе е под голем стрес како последица на повисоките температури и намалувањето на нивната животна средина бидејќи нивото на водата се намалува и намалува. Не сакаме да се намалат под ова ниво на кое се сега“, додаваат од организацијата.

Од компанија „Саутерн Ватер“ што снабдува со вода делови од Англија велат дека протокот на вода е понизок за 25% од колку што треба да е за јули.

Со сушата што го предизвикува ниското ниво на проток во реките освен дивиот свет што живее во нив, екологистите апелираат дека и другите животни се под закана со тоа што имаат проблем да пронајдат храна. Најчесто тоа се птици кои се хранат со црви од почвата и други цицачи што се хранат на земјата како што се јазовците.

Пеперутките, пчелите кои не живеат во колонии, осоликите муви и инсектите исто така може да се загрозени наскоро бидејќи растенијата создаваат помалку нектар кога се соочуваат со недостаток на вода.