Дискусии за техно-фобија и самодефинирање низ призмата на јапонското општество на „Нихон-џи 2.0“

Второто издание на „Нихон-џи“ Фестивалот за јапонска култура се враќа оваа сабота (27 мај) во просториите на мултимедијалниот центар Мала Станица.

Организаторите информираат дека на годинешната програма ќе има три панел-дискусии со фокус на актуелни општествени и филозофски теми.

На првата дискусија насловена „Зошто Јапонците го користат Ganbatte? (Каизен концептот за постојано подобрување)“  ќе се разгледуваат основните идеи зад методологијата на постојано унапредување – КАИЗЕН, како и нејзината широка применливост во повеќе сфери на секојдневието и деловниот развој. За тоа ќе зборуваат панелистите Делчо Јованоски, Ташко Ризов, JICA Alumni и Чие Нагашима, а модератор ќе биде Евгенија Лисичова.

На втората панел дискусија „Лекции од Јапонија: Миксот на традиција и технологија како вистински рецепт за унапредување на општеството“ ќе учествуваат Костадин ХаџибановВиктор СтефковскиИгор ТрајковскиБардил Јашари, а како модератор ќе биде Билјана Кочоска. Дискусијата ќе го опфати начинот на кој технологијата е комплиментарен сегмент кон јапонската традиција и како тоа овозможило полесно да биде прифатен нејзиниот брз развој.

Третата и последна панел дискусија е на тема „Ghost in the shell, што значи да се поседуваш себеси?“ и ги поставува прашањата: дали човекот навистина го поседува своето тело во доцното капиталистичко општетсво? Како новите технологии го менуваат и имаат потенцијал да го менуваат човештвото? Дали киборгизацијата е следен чекор во еволуцијата? На оваа тема ќе зборуваат Вангел Ноневски, Златко Ѓелески и Калија Димитрова, а модератор ќе биде Билјана Кочоска.

„Покрај овие интересни панели, Нихон-џи на својата публика ѝ ветува незаборавно искуство преку изложби, проекции, мода, видео и друштвени игри, поезија, работилници, презентации, боречки вештини и продажен дел“, велат организаторите.

Минатогодишното еднодневно фестивалско издание на Нихон-џи се одржа во Јавна Соба, привлече околу 2.000 посетители од сите возрасти и вклучи речиси 150 учесници кои ја воодушевија публиката со бројни работилници, изложби, панел дискусии, поезија, презентации, проекции, концертни изведби, гејминг турнири и богата продажна секција на производи инспирирани од јапонската култура. 

Повеќе за фестивалот и организацијата може да најдете на овој ЛИНК.