Моето разрешување од позицијата директор на гимназијата „Орце Николов“ ме изненади, затоа што целиот процес на моја апликација и назначување оди преку град Скопје и соодветните инспекторати. По две и пол години, реакцијата е со друга цел, a тоа можеле веднаш тоа да го увидат, вели во изјава за агенцијата „Мета“ Митко Димовски, доскорешниот директор на училиштето, кој пред неколку дена беше разрешен.
„Многу ми е жал бидејќи ова се случува во очи на одбележувањето на јубилејот на училиштето. Исто така, објавувањето паушални и дискриминирачки информации, го сметам за директен напад врз мене и моето семејство. Ќе ги искористам сите правни механизми затоа што не сакам ништо од ова да остави трага на угледот на гимназијата и на колегите со кои посветено работев седум години“, вели Димовски за Мета.
По одлуката за биде разрешен, ученици од гимназијата пред два дена го искажаа своето незадоволство пред бараките на град Скопје и побараа Димовски да се врати на директорското место.
„Да ги задржиме добрите луѓе на места каде што позитивно влијаат“, „Орцаши против неправда“, „Ние не сме ничии марионети“, беа само дел од транспарентите со кои тие се побунија против одлуката на градските власти Димовски да биде разрешен, чиј мандат регуларно требаше да истече во 2026 година.
Стоејќи на дожд, многумина од нив расплакани и вознемирени, на протестен марш си го побараа директорот назад. „Ова е неправда!“, „Нема Митко, нема мир!“, „Транспарентност!“, извикуваа учениците, откако го поднесоа официјалното барање до град Скопје, за повлекување на решението за негово разрешување. Тие потпишуваа и петиција и пратија јавен допис со своите барања.
„Директорот беше многу почитуван меѓу учениците, професорите и целиот стручен кадар во училиштето. Училиштето доби сосем нова културна димензија со неговиот мандат кој, инаку, не истекува дури до 2026 година и гимназијата во неговото време на управување со училиштето, се покажа како една од најконкурентните и најквалитетни во државата. Директорот беше разрешен на многу нетранспарентен начин, без никакво изложување на причините за одлуката на соодветните институции, и тоа, во период на интензивна подготовка на активностите планирани за патроните недели на училиштето“, наведено е во петицијата, која досега ја потпишале 720 ученици од „Орце Николов“.
Мета.мк побарала одговор од Град Скопје за ваквата одлука. Оттаму се повикуваат на констатирана состојба од Државниот просветен инспекторат (ДПИ), согласно која, во огласот за избор на директор од септември 2022 година, „погрешно било применето материјалното право при изработка и објава на јавниот оглас“.
„На 26 и на 27 февруари, овластен просветен инспектор изврши вонреден инспекциски надзор во ‘Орце Николов’, во однос на спроведувањето на постапката за избор на директор на училиштето. За констатираната фактичка состојба од непосредно извршениот вонреден инспекциски надзор, нотирано е дека согласно увидот во списите кои се предмет на инспекцискиот надзор се констатира и утврдува дека ‘Орце Николов’ спротивно на законските и подзаконските нормативно – правни акти ја спровело постапката за избор на директор на училиштето, односно била направена суштествена повреда на постапката од страна на Училишниот одбор на гимназијата ‘Орце Николов’ – Скопје и погрешно било применето материјалното право при изработката и објавувањето на јавниот оглас“, наведено е во одговорот на Град Скопје за Мета.мк.