Дијана Петрова: Најсигурен начин никој да не ни го „земе“ јазикот е да го знаеме и познаваме

XIX век во Струга, Митра Миладинова и Султана Миладинова, поттикнати од понудената поддршка на рускиот славист Виктор Иванович Григорович, почнуваат дело, кое, како што се развива, станува сè подлабоко и посериозно.

Неколку жени перачки кои се сретнуваат на реката, првпат почнуваат да зборуваат за тоа каков би бил светот кога би им се дало глас на жените. Покрај реката почнуваат да учат да читаат и да пишуваат, стануваат учителки кои го шират почнатото таинствено дело низ сечиј дом и душа. Против неправдата која неколку векови ги обвивала сите, почнуваат да зборуваат и да се борат со дело кое му пркоси на времето и на заборавот.

Вака гласи кусото сиже на третиот и најнов роман на писателката Дијана Петрова,  – „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“, историска метафикција што во фокус ја става Митра Миладинова, жената на македонскиот просветител Димитар Миладинов.

Романот раскажува за тајното женско училиште „Ученољубие“ кое се создава преку желбата на Митра и Султана за описменување на македонските жени, преку собирање и запишување на песните кои перачките ги пеат за време на нивната работа.

Петрова за Радио МОФ вели дека идејата за романот ја добила поради отсуството на женски просветителки во 19 век, па и подоцна.

„XIX век е период на будење и создавање на македонската интелигенција, период кога се создаваат првите книги на македонски (народен) јазик и идеите за литературен. За улогата, помошта и поддршката на жените никаде не е спомнато, ниту пишувано. А интересно е тоа што на првите книги на македонски народен јазик биле претплатени и жени – а тоа значело финансиска  поддршка во издавањето на тие книги. Имињата на тие жени како податок само ги спомнува Харалампие Поленаковиќ и самиот соочен со недостигот на информации за нив“, вели авторката.

Таа се надоврзува дека Крчовски и Пејчиновиќ со име и презиме ги спомнале тие жени кои финансиски помогнале нивните книги да бидат отпечатени, но на тоа застанува женската приказна, односно нема други податоци.

„Малку подоцна (втората половина на XIX век) имало учени жени кои објавувале свои статии во весници во кои пишувале за некои општествено – политички ситуации, а многу често  изјаснувајќи се и за ‘женското прашање’. Тоа ми беше мотивација да ‘прочепкам’ подлабоко во тој период и да ‘извадам’ некои имиња од сенка“, вели Петрова.

Авторката истакнува научните сознанија од минатото воопшто не фрлаат светлина врз женските (пре)раскажувачки, но дополнува дека сега почнува да се менува „традицијата“. Токму поради тоа, интересна е асоцијацијата во романот која ги претставува перачките како раскажувачки.

Сепак, вели таа, не знаеме некои конкретни песни кои се зачувани од таквиот начин на пренесување, но додава дека со сигурност се знае дека голем дел од народните песни потекнуваат и се зачувани од жените кои биле кажувани додека работеле на нива, во куќата, на жетва, на свадба, на погреби…

„За Митра се знае кои нејзини песни се присутни во зборниците на Шапкарев. Не било традиција да се ‘памети’ или запишува од каде почнала песната, меѓутоа една иста песна во зависност од тоа од кој крај потекнува има различни особености. Токму тоа ме мотивира да ги ставам перачките од различни краишта“, вели Петрова.

Со неа поразговаравме и за тоа кои се предностите и препреките да се биде писател во време кога македонскиот јазик е во фокус на јавноста поради политичките идентитетски  турбуленции, но домашните автори се на маргините, иако во последно време, заинтересираноста се зголемува.

„Смешно ми е секојпат кога македонскиот јазик ќе биде во фокус на јавноста бидејќи мора да признаеме дека како ‘борци’ за јазикот, многу малку си го познаваме и знаеме јазикот. Најсигурен начин никој да не ни го ‘земе’ јазикот е да го знаеме и познаваме“, вели Петрова.

Таа се надоврзува дека  јазично прашање и потекнува од 19 век , па поради тоа го смета за многу важно, меѓутоа вели дека постојат докази, примери со кој тие „идентитетски турбуленции“ можат да престанат.

„Ако некому не му се доволни тие докази од XIX век, ќе му ги понудиме и тие од IX. Положбата на македонските писатели не знам дали воопшто зависи од општествената состојба. иако би требало. Главен проблем што македонските читатели ги ставаат македонските автори на маргините е токму во тоа што го спомнав и погоре – недволно познавање и почитување на своето. Среќна сум што тоа почнува да се менува. Имаме важни и квалитетни македонски автори“, вели Петрова.

Со Петрова, која истовремено и предава македонски јазик во средно образование, поразговаравме и за скорешните резултати од Меѓународната студија за читање PIRLS, според кои македонските четвртооделенци се  на 34-тото место од 43 држави од светот според читање.

Таа пак, се надоврзува дека освен на PIRLS, младите од земјава, не покажале добри резултати ни на PISA тестирањето, каде имало задачи за читање со разбирање.

„За жал, децата денеска не ставаат некој посебен фокус на образованието и на неговото значење и улога во градењето на нив како личности. Децата денеска се информирани за се‘, но немаат знаење. Можноста  во секое време да ‘изгуглаат’ за нешто ја намали нивната концентрација и интерес и не ја гледаат потребата од тоа да се знае нешто, бидејќи во секое време може да се провери/дознае тоа нешто“, вели Петрова.

За крај, ја прашавме дали смета дека романот, кој постмодерно обработува тема од XIX век, ќе си ја најде публиката меѓу помладите читатели.

Убедена сум дека ќе допре бидејќи веќе знам дека до некои и допрела. Стилот е читлив и разбирлив. Приказната има повеќе аспекти – љубовен, историски, женски. Повеќеслојна приказна, раскажана со лесен, разбирлив и разбирлив јазик – верувам дека до секого ќе допре“, вели Петрова.

#РаскажиМи: Извадок од „Излегувањето од сенка – тајно женско училиште“ од Дијана Петрова

Ивана Смилевска