#РаскажиМи: Извадок од „Излегувањето од сенка – тајно женско училиште“ од Дијана Петрова

Овојпат во рубриката #РаскажиМи објавуваме извадок од новиот роман на Дијана Петрова – „Излегувањето од сенка – тајно женско училиште“. Во романот, фокус е жената на  Димитар Миладинов, Митра Миладинова, која навистина постоела и ги пишувала најубавите писма во 19 век, ни за жал никој не ја спомнува, вели авторката.

„Митра Миладинова и Султана Миладинова, поттикнати од понудената поддршка на рускиот славист Виктор Иванович Григорович, почнуваат дело, кое, како што се развива, станува сè подлабоко и посериозно.
Неколку жени перачки кои се сретнуваат на реката, првпат почнуваат да зборуваат за тоа каков би бил светот кога би им се дало глас на жените. Покрај реката почнуваат да учат да читаат и да пишуваат, стануваат учителки кои го шират почнатото таинствено дело низ сечиј дом и душа. Стануваат своевидни интелектуалки кои наоѓаат начин преку анонимно објавувани статии во весниците да допрат до светот. Против неправдата која неколку векови ги обвивала сите, почнуваат да зборуваат и да се борат со дело кое му пркоси на времето и на заборавот. Живеењето и дејствувањето во сенка излегува на светлина кога се дознава за Тајното женско училиште – Ученољубие“, вели краткото сиже за делото.

Излегувањето од сенка – тајно женско училиште

Училиштето уште работеше на ист начин, се учеше додека жените переа на реката. Главни учителки беа Митра, Султана, Јанинка, Трајанка, Ведрана, и Стојка, и секој ден имаа по една или две нови, млади помошнички. Ќе се навртеа жените околу реката во неколку купчиња и до секое купче ќе стоеше некоја од учителките, која останатите жени ја закриваа, за да не се гледаат книгите што им ги вадеше учителката и од кои читаа. Учењето не идеше секако лесно, бидејќи дома мораа сите да се вратат со завршена работа, а мислите од умор им бегаа од облеката во буквите, од бувките на облеката, по реката до горе до устието… Жените кои беа одбрале да учат, переа погоре на реката од останатите жени, за сета таа работа да се одржи во својата тајност. Некои од првите ученички сега и самите беа станале учителки, но секоја учителка подучуваше најмногу по три ученички.

Учителките неуморно работеа, но уморот често ги совладуваше. Ученичките неуморно учеа, но уморот пред наученото ги освојуваше. Собирањето на песните се развлекуваше, бидејќи доучувањето на буквите се отежнуваше, а требаше да се слушнат и запишат различни песни или исти песни но од различни краеви. Да можеа жените да седнат в клупи како вистински ученици и да ги ислушаат внимателно лекциите и правилата за буквите и зборовите, и да можеа веднаш тие работи да ги запишат, полесно ќе одеше. Но сега, секоја жена додека переше, в глава се обидуваше да го задржи тоа што учителките им го зборуваа и во мислите да ја замислува формата на буквата, а со очите во воздух да го вежба нејзиното испишување. Сите тие работи не ја предомислуваа Митра, туку ја тераа постојано да бара решение за сѐ што ќе им излезеше на патот на постоењето на Тајното женско училиште – Ученољубие.

Денот кога стигна одговор и од последното писмо што Митра го прати, ги собра Султана, Јанинка, Трајанка, Ведрана и Стојка, и им кажа до сите групи каде што тие подучуваа да им го пренесе следното: за да се побрза со изучувањето на писмото и описменувањето на што повеќе жени, но и на другите важни работи, неизбежно е да се има училиштен простор каде што ќе може да се работи без прекини и паузи. Затоа, во името на сите жени и на иднината која ќе ја создадеме подобра за нашите ќерки, ќе мораме да го жртвуваме времето од сегашноста. Жртвата која мора да ја дадеме е единственото оружје со кое можеме да се избориме за слободата, која, хранета од нашите жртви, ќе ја донесе иднината. Сите групи да ослободат по една ученичка, независно од која возраст, а ќе ги ослобоодат со тоа што ќе ги завршат и нивните работи за перење кои ќе ги носат тој ден.

Секоја група заедно ќе одлучи која жена ќе ја ослободи. Жените кои ќе бидат ослободени од перењето, жртвата ќе ја дадат на тој начин што откако за неколку месеци ќе го завршат училиштето, ќе бидат пратени по различни краишта, да ја шират идејата за писмото, собирањето на песните и женското училиште. Бидејќи сето тоа ќе мора да остане тајна, не смеат јавно да одат како учителки, туку во секој град или село каде што ќе бидат пратени, ќе работат повторно како слугинки. Откако ќе ја запознаат средината, првото нешто коешто ќе го направат е да најдат ученички кои нема да се исплашат и силно ќе ја поддржат идејата. Тие ученички ќе најдат други и така ќе се шири училиштето. Секаде каде што ќе одат, ќе мора да испратат адреса на Митра, на која таа ќе им испраќа учебници и книги потребни за учењето, а тие ќе ѝ праќаат информации за тоа како се одвиваат работите и како напредуваат. Но сето тоа мора да биде многу строго и доверливо, за никој да не се посомнева. Секоја што ќе сака да биде дел од училиштето и да учествува во неговото проширување, ќе биде како досега – мора да остави нешто што ѝ значи, како гаранција дека ќе ја чува тајната. Едно од најважните правила ќе биде тоа кога ќе пишуваат писма од таму каде што ќе бидат, да се потпишуваат со машки имиња за никој да не се посомнева и да не ги чита писмата.

„Дали веќе имаме наше училиште?“ праша Ведрана. „Да, мојот дом ќе биде ваше училиште.“ „Знаеш колку е опасно тоа?“ „Нема ништо опасно и чудно во тоа да доѓаат жени кои ќе ѝ помагаат на една бремена жена, со две други мали деца и маж кој работи подалеку од дома.“ Седум жени ќе ѝ помагаат?“ „Нема сите да доаѓате наеднаш, ќе се поделиме во неколку групи бидејќи не смее да се забележи дека наеднаш ве нема со останатите перачки. Кога ќе дојде време да заминете по други места и градови, ќе ја оставите работата со изговор дека мора да се вратите во вашиот крај или дека сте запознале некој, но тоа дури откако ќе завршиме со часовите и лекциите. Не грижете се, со мајка Султана размисливме за сите работи, можеби нема да биде лесно да ги направите тие жртви, но ќе бидеме сите еден ден горди на себеси, бидејќи ние ќе го посееме семето, тие по нас што ќе дојдат ќе ги собираат плодовите и ќе ги хранат другите усти жедни за знаење.“

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.