Девојчињата имаат помали шанси да добијат навремена дијагноза на аутизам

Жените можеби се подеднакво често аутистични како и мажите, но момчињата имаат до четири пати поголема веројатност да бидат дијагностицирани во детството, покажува голема студија.

Истражување предводено од Институтот Каролинска во Шведска ги анализирало дијагнозите на аутизам кај лица родени меѓу 1985 и 2020 година. Од 2,7 милиони луѓе, 2,8% добиле дијагноза на аутизам меѓу втората и 37-тата година од животот.

Истражувачите утврдиле дека до 20-годишна возраст, стапките на дијагноза кај мажите и жените се речиси изедначени, што ја доведува во прашање долгогодишната претпоставка дека аутизмот е многу почест кај мажите.

„Нашите наоди укажуваат дека родовата разлика во распространетоста на аутизмот е значително помала отколку што се мислеше, поради тоа што девојчињата и жените се недоволно или доцна дијагностицирани“, изјави водечката авторка, д-р Каролин Фајф.

Во детството, момчињата во просек биле дијагностицирани речиси три години порано од девојчињата. Средната возраст на дијагноза изнесувала 13,1 година за момчиња и 15,9 за девојчиња. Под 10-годишна возраст, момчињата биле три до четири пати почесто дијагностицирани, но девојчињата „се израмнуваат“ до 20-тата година, поради нагло зголемување на дијагнозите во адолесценцијата.

Студијата, објавена во BMJ, покажува дека родовите разлики кај децата под 10 години останале стабилни во последните децении, но значително се намалуваат кај постарите возрасни групи.

Застапничката за права на пациенти Ен Кери истакна дека резултатите укажуваат на „системски пристрасности во дијагностиката, а не на вистинска разлика во зачестеноста“. Таа додаде дека аутистичните девојки и жени често се погрешно дијагностицирани со анксиозност, депресија или нарушувања на личноста.

Од здруженијата за аутизам порачаа дека е неопходно укинување на застарените родови стереотипи и подобрување на дијагностичките алатки, за да се обезбеди навремен пристап и поддршка за сите.

Извор: TheGuardian.com / Pexels.com