Детска работилница за стрип – „Како се пишува приказна за стрип (и зошто мора да ја има)“

„Како се пишува приказна за стрип (и зошто мора да ја има)“ е креативна книжевна работилница наменета за деца што во април и мај ќе се одржува под менторство со писателката Билјана Црвенковска.

„Се работи за проект замислен како серија од работилници во кои децата ќе учат основи на правење стрип – од прашањата што точно е стрип и зошто секоја стрип-приказна мора прво да се развие како приказна а дури потоа да се црта, па развивање на почетна идеја (синопсис), преку развивање карактери/ликови, до создавање на сценарио за стрип (костур на приказната, описи и дијалози)“, пишува во најавата.

Работилницата е предвидена да се одржува секој петок од 17:30 часот во периодот од 7 април до 5 мај во Детскиот културен центар при Младински културен центар – Скопје.

Како што се вели во соопштението, последните два часа децата ќе цртаат стрип според напишаното сценарио (односно ќе ги развиваат нивните приказни преку цртеж и дијалог) – а крајните продукти – стриповите, ќе бидат изложени на заедничка стрип-изложба.

Пријавување на: biljana.crvenkovska@gmail.com Времетраење на работилниците ќе биде час и половина, учеството е бесплатно, а бројот на учесници е ограничен.